Се шири бојкотот во Битола, се приклучија економското и медицинското училиште

Учениците од средното економско училиште и „Јане Сандански“ и медицинското „Др. Јован Калаузи“ денеска не седнаа во училишните клупи со што се приклучија на своите соученици во средношколскиот бојкот. Во вкупно четири од шест гимназии во Битола се бојкотира формалната настава, информираат од Средношколскиот пленум во Битола. Средношколци од овој град веќе трет ден ги заменија предавањата со алтернативни активности.

Битолските средношколци од економското и медицинското училиште им се придружија на своите соученици од останатите градови во бојкотот барајќи да се одржи средба со ресорниот министер со цел да бидат слушнати нивните барања. Но, иако министерот Абдилаќим Адеми во неколку наврати рече дека е расположен да се сретне со нив, досега немаше ниту една официјална покана за средба.

„Јосип Броз - Тито“ - Битола

„Јосип Броз – Тито“ – Битола

„Засега атмосферата е супер, немаме притисоци. Утре очекуваме да ни се приклучат уште две средни училишта за целосно да се комплетираме. Во моментов се бојкотира наставата во двете смени и се вклучени втора и трета година“, велат за Радио МОФ од Пленумот во Битола.

Досега битолските средношколците излегоа на марш против, како што велат, лошите образовни реформи при што добија поддршка од Студентскиот пленум – УКЛО, како и од Наставничкиот пленум. Тие бараат да се врати стариот концепт на државна матура, математиката да не биде задолжителен предмет при полагањето на матурата и екстерното тестирање да се стави во мирување.

Бојкотот на наставата во исто време продолжува и во Охрид, Тетово, Скопје, Куманово.