Бојчев, ДСЦ: Студентските бифеа се затворени, мензите ќе служат и појадок

Бифеата во студентските домови каде студентите досега можеа да доручкуваат се затворени. Мензите, пак, кои обично почнуваа со работа малку подоцна и служеа само ручек и вечера, отсега ќе служат храна со почеток од 10 часот и ќе нудат по три главни јадења. Ова го изјави новиот директор на Државниот студентски центар Атанас Бојчев за Радио МОФ.

Тој информира дека овој  потег се прави со цел студентите да добијат поквалитетна, поразновидна и во количини побогата храна. Одлуката, вели тој, е донесена врз основа на  анализи, анкети и разговори со студенти.

„ Воведуваме  широк избор со три главни јадења за секој оброк“, рече Бојчев.

„Она што го бараат студентите претходно сега само го имплементиравме. Ништо помалку, ништо повеќе“, додаде.

Новиот директор на ДСЦ ги негира пишувањата на одредени медиуми дека со оваа одлука се укинува појадокот и дека ова ќе се одрази врз џебот на студентите.

„ Финанскискиот трошок останува ист, но сега делењето на  оброците се организира согласно барањата на студентите, а тие бараат по три квалитетни оброци со добар избор, наместо доручек пред десет за кој воопшто немаше интерес и од кој храната потоа ниту се користеше и само ја фрлавме. Значи, лажни се вестите дека студентите не биле задоволни, сега имаат ем подобра храна, ем поголем избор“, вели тој.

Според него, доручекот не го користеле ниту десет отсто од студентите.

„Значи, фрлавме храна само за без врска, а никој не беше задоволен од тоа“, подвлече тој.

Квалитетот на храната во студентските домови е проблем за кој отсекогаш се зборувало и критикувало, меѓутоа ниту едно раководство досега не најде решение, иако фотографии од инсекти во оброците со години кружат по социјалните мрежи.

„ Сега воведов Санитарен инспектор, тоа е внатрешна реорганизација. Човек, стручен, кој ја контролира работата, хигиената и квалитетот на суровините што доаѓаат на влез. Формирана е и Комисија за влез на робата, бидејќи не може како што беше претходно, кој како сака носи храна. Значи, хранат сега се испитува, директно се носи на испитување. И досега ја испитувавме, но оние намирници за коишто има сомнеж, веднаш се праќаат на анализа. Не може веќе да си дозволиме вакви работи“, рече Бојчев.

Критики постојат и за повремените недостатоци на храна, принудувајќи студенти да си купуваат храна надвор од студентскиот дом, иако за тоа веќе платиле во сумата за сместување.

„ Кај сите шефови на ресторани, кај сите вработени, испратено е известување да не се остави гладен студент. Онолку колку што му се јаде може слободно да дојде да јаде. Секако, да не се претерува и да не се злоупотребува“, вели директорот Бојчев.

Сепак, нагласува: „ Не можe да даваме бесконечно, треба да има и за тој позади него. И тој уплатил за јадење и ги има истите права. Не може еден да зема шест порции, а некој да остане без ич“.

Инаку, Бојчев доаѓа на местото на поранешната директорка Даниела Темелкова. Тој две децении работел како раководител на исхрана во Државниот студентски центар.

Емилија Петреска