Бојан Петков, „Летечки Пекинезери“: Бендовите тешко се пробиваат на џез сцената

Aвторската музика, а неретко и македонскиот ритам над „свинг“ sе главните карактеристики по која е препознатлив џез составот „Летечки пекинезери“ во чиј состав се гитаристот Бојан Петков, Иво Солдатовиќ на кларинет, Кирил Туфекчиевски на бас, Петар Христов на тенор саксофон и Славчо Коцев на тапани.

Тие активно свират веќе десет години, а како што вели, Бојан Петков за Радио МОФ, составот најавува нови материјали до крајот на годината.  Тој смета дека македонската музика и правецот „свинг“, кој првично се појавил во 30-тите години, имаат повеќе заеднички работи и токму тоа им дозволува да експериментираат со музиката.

„Гледано инструментално во нашиот свинг состав во преден план е кларинетот кој е тесно поврзан со македонската музичка традиција, а пак гледано музички македонската музика не се разликува многу од другите светски музики. Тоа самите ние тука мислиме дека се некои хиероглифи, но музички не е тоа така“, објаснува Петков.

И покрај тоа што џезот го опишуваат како „интелектуална музика несфатлива за сечија душа“, за Петков единствена цел на овој тип музика е да изненади, иако вели дека тоа не е лесно да се постигне.

„Дури и поголем дел од публиката да е задоволна, секогаш ќе има и луѓе кои ќе си имаат нешто друго во главата. Тие обично се поткованата публика“, смета Петков.

По цела декада постоење, нивниот прв самостоен концерт се одржа дури во 2011 година во МКЦ, а оттогаш имаше само уште еден ваков голем концерт.

„Дефинитивно треба да се прават повеќе концерти . Тоа не важи само за нас, важи и за другите групи. Моментот кога организираш самостоен концерт се обврзуваш да понудиш нешто ново, барем кај нас е тоа така бидејќи се работи за малобројна публика која е потребно постојано да слуша нови работи. Тоа е многу здрав процес за еден бенд“.

На прашањето постои ли џез сцена во Македонија и што е потребно за да успее еден ваков состав, тој одговара:

„Постои џез сцена, но не постои атмосфера во која може еден бенд да се пробие“.

Составот учествуваше на два меѓународни натпревари, и тоа во Луксембург на традиционалното „Блуз и џез рели“, како и на Интернационалниот џез натпревар во Њујорк. Меѓутоа, Петков смета дека токму нивниот стил ги прави да бидат по малку „аутсајдери“.

Во нивната досегашна кариера влегуваат двата албуми „Летечки пекинезери“ (2011) и „Изложба на кучиња“ (2014), а неодамна се претставија со дел од новиот материјал во Сули ан како дел од „Скопско лето“.