Блокиран патот Тетово – Скопје, вработените во „Југохром“ бараат одговори од раководството и Владата

Околу еден час денеска беше блокиран автопатот Тетово – Скопје. Вработените во „Југохром“ уште пред неколку денови најавија протест со блокирање на сообраќај, барајќи Владата да се произнесе за забраната на работење на комбинатот од Јегуновце, откако претходно ваква одлука донесе Инспекторатот за животна средина.

Синдикатот на компанијата и Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР) веќе доставија барање Владата да ја стави во мирување одлуката за затворање на „Југохром“, а истовремено институциите да направат анализа кој го загадува Тетово и колкав е процентот на загадувачки материи од фабриката. Од раководството на компанијата побараа додека не се рестартираат печките, работниците да не се отпуштаат.

Исто така, побараа компанијата во кус рок да ги заврши градежните работи околу системот за отпрашување и, како што рекоа, еднаш засекогаш „да се остранат причините поради кои ‘Југохром’ запира со работење во период кога има најмногу работа“.

Гаснењето на печките во „Југохром“ дојде по пробивање на уште еден од низата рокови за „Југохром “да стави соодветни еколошки филтри.

Инаку, според АМСМ, денеска блокирањето на патот Тетово – Скопје започна околу 10 часот кај Групчин, каде беше речено дека има „собир на граѓани“. Потоа, по 11 часот стигна соопштение со потврда дека сообраќајот е нормализиран.