Блокада на улицата „Борис Трајковски“ попладнево во Скопје

Од 17 до 18 часот денеска ќе биде блокирана улицата Борис Трајковски (бивша „Првомајска“) поради протест. Блокадата ја прават жители на скопската населба 11 Октомври, кои на овој начин сакаат да изразат незадоволство од институциите, кои, како што велат, не преземаат ништо да ги спречат проблемите што ги имаат со околу 200 Роми кои се населени во старите бараки на ГП „Пелагонија“, објави Мета.

Жителите на населбата информираат дека почнувајќи од мај 2016 година, доставиле две петиции до Општина Кисела Вода и известување до Министерство за труд и социјална политика.

„Станува збор за проблеми кои првенствено се негативен пример за нашите деца, како, на пример, вдишување лепак од децата кои слободно влегуваат во приватни дворови, при што вршат и кражби, секоја вечер палат пластични материи од кои не сме во можност да дишеме или да излеземе во нашите дворови. Зачестени се нарушувањата на јавниот ред и мир со пуштање гласна музика до доцните вечерни часови, за што повеќепати сме известувале во урбаната заедница „11 Октомври – бараки“, како и во полициската станица во Кисела Вода, објаснуваат жителите.

*ОБНОВЕНО

По најавата за блокада, со своја реакција се јави и општина Кисела Вода, од каде велат дека се добро запознаени со проблемот со кој се соочуваат жителите на овој дел од општината. Истовремено, тврдат дека од навна страна се превземени повеќе мерки за надминување на проблемот.

„Имено, од страна на нашите инспекциски служби се вршат засилени контроли, повеќе пати е побарана помош од полицијата, неколку пати е испраќан допис до Министерството за труд и социјална политика, а во неколку наврати е разговарано и со стечајните управници на објектот во кој се собираат овие лица.  Со жителите од 11 Октомври бараки и претходно се остварени повеќе средби, а ваква средба се одвиваше и во текот на денешниот ден. Имено, раководителот на Секторот за месни заедници, референтот на урбаната заедница, претставници на инспекторатот од локалната самоуправа и полициската станица од општина Кисела Вода одржаа состанок со засегнатите граѓани каде ги информираа за сите досега превземени чекори на Општина Кисела Вода во рамки на нејзините законски можности, во насока на надминување на проблемот со имотно правните односи на објектот во кој лицата диво се вселуваат. Граѓаните беа информирани и за сето она што ќе се случува за надминување на проблемот кој очекуваме да се реши во наредните 15 дена“, стои во реакцијата на општина Кисела Вода.