Билборди со поддршка на ЛГБТ заедницата во Битола и Тетово

Граѓанската иницијатива за правата на ЛГБТ која ја спроведува Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ во партнерство со ЛГБТ Јунајтед, започна кампања за правата на лезбејките, геј мажите, бисексуалците и трансродните лица во Тетово и Битола.

Активистката Ирена Цветковиќ, која е дел од Коалицијата за Радио МОФ вели дека билбордите се дел од кампањата која ќе трае овој месец во овие два града.

„Целта на кампањата е промоција на правата на ЛГБТ, промоција на принципот на антидискриминација, еднакви можности и заштита од говор на омраза на ЛГБТ. Идејата зад целата иницијатива е покренување на овие прашања на локално ниво и претставува еден скромен обид за формирање и мобилизирање на ЛГБТ активизам надвор од Скопје, односно ширум републиката“, вели Цветковиќ.

Пораката на дел од билбордите во Тетово и Битола гласи „Лесно е да мразиш, храбро е да љубиш“. Неодамна активистите на двете организации беа нападнати додека спроведуваа јавни активности во Битола, по што инцидентот беше пријавен во полиција. Нападот се случи додека лепеа постери со промотивна содржина за човековите права во рамките на проектот „Граѓанска иницијатива за ЛГБТ права“ и прошетаа низ „Широк Сокак“ со знаме во боите на виножитото.

Сепак, билбордите со оваа порака во Тетово не издржаа ниту 24 часа. Во текот на изминатата ноќ, некој го скинал долниот дел од билбордот, па пораката сега гласи само: „Лесно е да мразиш“:

К.О.