„Бид фит“ – бесплатни фитнес тренинзи двапати неделно кај салата на Работнички

Управата на „Фитнес Револуција“ заедно со „Мој Тренер“, еден од најдобрите гимнастичари Петар Стојановски и спортските работници Бранимир и Бранкица Нешиќ, во соработка со Сојуз на спортски федерации на Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт, почнаа да го спроведуваат проектот „Биди Фит”.

Тој е наменет за поттикнување на здрав начин на живот преку програмирана и систематизирана физичка активност со комплексни вежби и движења за цело тело.

Термините се веќе започнати од 20 септември и траат пет недели, до 20 октомври. Тренинзите ќе се одржуваат двапати неделно, поточно среда од 18:50-20:10 часот и петок од 20:10-21:10 часот на игралиштето кај салата на Работнички во Парк.

„Поентата е да се движиме да го разбереме сопственото телото, здравјето, перформансите, физичкото и природно изразување. Тренинзите се бесплатни и секој може да присуствува“, информираат од „Фитнес Револуција“.

Оттаму појаснуваат дека не е потребно претходно пријавување, ниту пак е потребна посебна опрема, освен патики, маица и тренерки.