„Безизлез“ – третонаградениот говор на Кристијан Пејиќ од Ораторската вечер „Иво Пухан“

Опиши го Балканот со еден збор- криза. Политичка, воена, социјална, не е важно каква, важно е криза. Опиши ја Македонија со три збора: Криза. Криза. Криза. Тензии, насилства, протести, контрапротести, внатрешни и надворешни немири и најважно од се’ поделби: наши, ваши; леви и помалку леви?; патриоти, предавници; комуњари и..другите што и да се демократи не се, и секако плави и црвени. Двете бои со срце се љубат…а боите виножито се мразат. Во нашата крв е да заземеме една страна и потоа ја убедиме спротивната дека само ние знаеме најдобро. И толку цврсто се држиме до нашите мислења, што без разлика на се’, ќе им останеме верни. Со нозете чекориме напред, а умот стои во место.

На хартија сакаме сите прогрес, но во реалност сме 3000 години во цивилизациски регрес. Македонија вечна? Баш соодветно, нели. Вечно, е само прашањето – до кога вака? Прашањето е секако реторичко. Промена всушност и не сакаме. Тие што ја сакаат, си отидоа или ќе си одат. За другите, стагнацијата е оргазмична. Копнеат по неа. Велиме на други им е полошо, а не признаваме дека ние сме тие други. Велиме, па се уште сме во транзиција, ни треба време, разбирливо е! 26 годишна транзиција!? Македонија е се’ освен разбирлива. Празни реторики, без разум и логика, одново и одново се вртат и пак ги впиваме. Безизлезна ситуација. Нашиот личен пекол. Или за некого рај.

Светлото на крајот од тунелот било во Европа. Па ние и сме во Европа, но сме европски само на Евровизија. Тогаш спасот мора да е во младите!? Кои млади, тие што си отидоа или тие кои го гледаат светот плав или црвен? Или во третите, безгласните. Има ли спас е прашање без одговор. И ќе остане такво се додека не излеземе од ова наше едноумие и се обидеме барем малку да ја промениме свеста. Не само индивидуалната туку и колективната. Во спротивност ќе останеме закржлавени и како народ и како држава. Промена на политичката гарнитура не значи промена на политичката свест. Успехот не е последица на работата на еден политичар или една партија. За успех треба да придонесат сите. Политичарите се алатки на народот, а не народот на политичарите. И додека не ни стане јасно тоа, Македонија ќе остане вечна. Вечно ќе заостанува.