БЕСТ организира регионален состанок на студентите по технологија

Непрофитната и невладина студентска организација, Борд на Европски Студенти по технологија – БЕСТ Скопје, годинава организира регионален состанок на кој ќе присуствуваат 80 делегати од земјите на Балканот и поширокиот регион.

best-skopje-logo

Целта на настанот на БЕСТ е да се споделат знаења и искуства поврзани со организацијата, да се запознаат со различни европски култури и да се создадат нови пријателства.

Официјалното отворање на настанот е најавено на 16 октомври, во бизнис салата на Скопски саем со почеток во 19:00 часот. На регионалниот БЕСТ состанок кој ќе се одржува до 19 октомври во Скопје ќе учествуваат претставници од Турција, Грција, Србија и Црна Гора, како и гости од цела Европа. За време на состанокот ќе се одржат и неколку работилници на различни теми на кои членовите ќе научат повеќе за тимска работа, лидерство, менаџирање на времето, мотивација и ќе можат да присуствуваат на различни дискусии.

Покрај спроведените обуки, работилници и дискусии, учесниците на Есенскиот Регионален БЕСТ Состанок ќе имаат можност да се запознаат со убавините на градот Скопје, богатите култури и јазици на сите земји од каде што доаѓаат учесниците, како и вкусната храна и интересни традиции кои се практикуваат во регионот.

БЕСТ, Борд на европски студенти по технологија, е интернационална студентска непрофитабилна и неполитичка организација, целосно организирана и водена од студенти. Таа ги поврзува студентите од 96 технички универзитети од 33 земји во мрежа која се одржува преку многубројни заеднички проекти, интереси и пријателства.

Секоја година се организираат повеќе од 120 меѓународни курсеви, семинари и конференции, на кои студентите од различни европски земји учат и разменуваат искуства и идеи. Повеќе од 4800 членови секој ден се инволвирани во развојот на услугите на БЕСТ, а речиси милион студенти се вклучени во бројните настани и иницијативи.