Бесплатно образование за сите деца на светот – недостасуваат пари кои се трошат во само осум дена за финансирање на војските

Доколку трошоците кои на светско ниво одат на финансирање на војските секоја година запрат само осум дена, ќе се заштедат доволно пари да им се обезбеди бесплатно и квалитетно образование на сите деца во светот, се вели во извештај на фондацијата Малала, која се труди да обезбеди бесплатно образование за децата во неразвиените земји.

Во мај годинава, министри од преку 100 земји ја потпишаа декларацијата од Инчеон во Кореја, со која се обврзаа да се обезбеди бесплатно основно и средно образование за за сите деца до 2030 година. Овој позитивен чекор, сепак наидува на проблеми околу финансирањето. За да се постигне оваа цел, потребни се околу 340 милијарди долари годишно, а во моментов недостасуваат по околу 39 милијарди долари за секоја година – што е сума која се троши за финансирање на армиите низ светот во само осум дена.

Бесплатно образование за сите деца на светот - недостасуваат пари кои се трошат во само осум дена за финансирање на војските

Со Декларацијата, нискоразвиените земји се обрвзуваат да трошат 6.5 проценти од Бруто домашниот производ за универзално, бесплатно образование до 2030 година, додека малку поразвиените земји ќе треба да издвојат по 4.3 проценти од БДП. Вкупно 10 проценти од сумата се очекува да дојде од донатори и од посебни форми на помош.

Според фондацијата Малала, обезбедувањето на потребните фондови ќе испрати силен сигнал од светските лидери дека образованието е фундаментално право на секое дете во светот, а ова ќе биде особено важно за образувањето на милиони девојчиња од неразвиените земји, кои во моментов немаат пристап до училиштата.

Фондацијата го носи името на младата Пакистанка Малала Јусафзаи, која во 2014 ја доби Нобеловата награда за мир, токму за нејзините напори за обезбедување пристап до образование за девојчињата ширум светот.