Бесплатни и отворени учебници – чекор до подобро образование или повреда на авторски права?

Треба ли сите образовни ресурси да бидат отворени и колку тоа би придонело за поевтино и поквалитетно образование за сите, е прашањето кое го покренуваат група граѓански организации. Според нив, потребни се законски измени за имплементација на Отворените образовни ресурси (ООР).

Тамара Ресавска од невладината организација Метаморфозис е една од иницијаторите на оваа законска измена.

„Главната цел на ООР е да се подобри пристапот кон знаењето и можностите за учење. Тоа најлесно се постигнува со споделување на знаењето и на средствата кои го помагаат учењето и истражувањето. Со ваквиот приод учењето не само што станува полесно и поевтино, туку и се заштедува на време, материјални средства и човечки ресурси во исполнување на образовните цели. Дополнително, ООР имаат за цел да овозможат да се спроведе т.н. „отворено образование“, односно знаењето да се овозможи на сите на кои им е потребно и кои бараат знаење и истражуваат“, објаснува Ресавска.

Метаморфозис започнале со подигнување на свесноста за ООР уште во 2012 година. Оттогаш, во соработка со претставници од академскиот свет, граѓански организации, професори, наставници, но и ученици, увиделе дека се користат ипостојано се создаваат едукативни ресурси и алатки во форма на отворени образовни ресурси кои заедницата ги споделува за слободно користење и употреба од страна на сите заинтересирани.

„Постоењето на порталот е-учебници предводен од Министерството за образование и наука, каде се објавуваат дел од учебниците за основно и средно образование, претставува основа која може да го води отворањето на учебниците“, смета Ресавска. На порталот на МОН, веќе се достапни поголем дел од учебниците кои се користат во основното и средното образование, кои се бесплатни и дистрибиурани до учениците веќе осум години.

Но, Ресавска забележува и дека многу универзитети низ светот веќе ги базираат своите програми на отворени образовни ресурси, со цел да ги намалат трошоците кои студентите ги имаат околу учебниците. Смета дека тоа е важен предуслов и мотивација за оваа иницијатива.

Сепак, професорката Јадранка Дабовиќ Анастасовска, како автор на учебници кои се користат во високото образование, но и професорка по интелектуална сопственост, не се согласува со ставот дека овие материјали треба да бидат бесплатни и секогаш достапни онлајн.

„Како автор на повеќе универзитетски учебници би одговорила со противпрашање: Дали знаете колку време, напор, посветеност се потребни за да се напише добар учебник? Иако е многу е добро да се овозможи достап до учебниците на интернет на новите генерации, лично сметам дека подобро се учи од тврда копија“, смета таа.

Додава дека определени автори го прават тоа за да ги избегнат трошоците на издаваштвото, а одредени Универзитети се определуваат за некои од отворените лиценци кога станува збор за високообразовна литература.

„Што мислам како професор по право на интелектуална сопственост за ова? Во земја во која можете да исфотокопирате цел учебник кој се продава на полиците во истата книжарница, верувајте ми многу е минорна бројката на оние кои ќе го купат регуларното издание“, забележува таа.

Доколку се обезбеди определен надомест за трудот на авторите, вели, електронското печатење со нивна дозвола можеби би било потик и за поголема творечка активност и за полесна достапност на литературата за младите генерации. Смета дека со одредено финансиско учество на студентите, државата или универзитетите, учебниците за секоја студиска година во тврдо издание се подобро решение.

Дабовиќ Анастасовска нагласува дека бесплатните учебници не би биле од клучно значење за зголемување на пристапот на образование до социјално загрозените семејства, но се заложува за другите ранливи групи како што е обезбедување на учебници и учебни помагала за слепите.

Тоа е и еден од основните проблеми кои и покрај постоењето на бесплатните учебници го има во Македонија, како што сугерираат студенти, е непостоењето на материјали во други формати, на пример аудио снимки или со Брајово писмо за студентите со оштетен вид.

Од Министерството за образвание и наука побаравме одговор за тоа зошто овие материјали сѐ уште ги нема, како и за тоа дали планираат да се зголеми датабазата на отворени учебници на сајтот е-учебници, но не ни одговорија.

Ресавска како успешен пример за земја која ги имплементирала ООР во образовниот систем ја посочува Полска.

Таа е првата држава во светот која поддржала национална програма за државен отворен учебник. Помеѓу 1999 и 2005, преку програмата„Училница со компјутери во секое училиште“ била обезбедена опрема (сетови од 10–15 компјутери со додатна опрема и софтвер) до над 11.000 училишта.

Оваа иницијативаво Полска, раскажува таа, била главно развиена и спроведена од Министерството за национално образование со поддршката на Централниот сервис за обука на учители, кој подоцна бил преименуван во Центар за развој на образованието. Проектот претрпел неколку промени, но крајниот резултат бил 62 учебници во 14 предмети кои го формираат основниот дел од новиот курикулум за сите 12 години од основното и средното образование, со повеќе од 5.000 студиски часови. Полска сето тоа ја чинело 45 милиони злоти – околу 15 милиони американски долари.

„Во Полска, традиционално, родителите се одговорни за купување на учебниците за нивните деца, кои можат да чинат од €60 до €120 по дете, годишно. Овие трошоци ги направија учебниците тензично политичко прашање и беа водечкиот фактор за поддршката на владата за отворени учебници, за кои Министерството за образование процени дека ќе им заштедат на родителите €24 милиони само во првата година, со вкупни годишни заштеди од €168 милиони до 2020“, раскажува Ресавска.

Сепак, дури и доколку институциите во Македонија се решат на ваков чекор, промената би била постепена и тешка, смета професорката Дабовиќ Анастасовска.

„Развојот на информатичката технологија и интернетот донесоа многу промени во издавачката индустрија. Електронското издаваштво станува сѐ поинтересно и поактуелно за сметка на класичното, поради што е потребно со законска регулатива да се прецизира и јасно дефинира. Неспорно е дека иако класичното издаваштво и во иднина ќе се применува, електронското издаваштво сѐ повеќе зема замав поради  едноставното умножување и пуштање во промет на делото, намалување на трошоците за умножувањето и промовирањето на делото и секако и поради тоа што денешните потрошувачи сѐ повеќе се навикнуваат на мобилност“, укажува Дабовиќ Анастасовска.

УКИМ веќе има такви изданија, иако не се бесплатни. Сепак, Дабовиќ Анастасовска смета дека предностите на електронското издаваштво ќе најдат своја најголема вредност токму во остварувањето на издавачката дејност на Универзитетот, ќе заштедат време и финансиска средства, подобра достапност  на делата за студентите и поголема трајност на делата.

„Но секако битно е точно и прецизно да се дефинира постапката за електронското издавање на книгите во насока на заштита на авторските права. Колку е полесна достапноста на содржината на авторските дела, толку се полесни и злоупотребите. Доследната примена на Законот за авторското право и сродните права и Законот за издавачка дејност, Правилниците на Универзитетите би можеле да овозможат задоволство и кај авторите и корисниците-професорите соработниците и најбитните студентите“, заклучува професорката.
Стефанија Тенекеџиева