Бесплатна правна помош за жртвите на семејно насилство

Бесплатна правна помош за жртвите на семејно насилствоПет жртви на семејно насилство, до октомври 2013 година, ги искористија придобивките од работата на овластеното здружение за бесплатна правна помош  – Национален ромски центар (НРЦ) со седиште во Куманово,  информираат од  организацијата.

Во сите случаи станувало збор за жени – жртви на семејно насилство кои потекнуваат  од различни социо-економски средини, но со ист семеен проблем на психолошко и физичко насилство мотивирано од најразлични причини.

„НРЦ им помогна на жртвите во комплетирањето на барањата за бесплатна правна помош, по кои Министерството за правда  позитивно одлучи и на жртвите им одобри бесплатна правна помош. Ова значи дека жртвите по сопствена волја избраа адвокат при што трошоците од застапувањето на адвокатот ќе ги плати државата. Две од овие постапки се правосилно завршени и жртвите ја добија потребната правна заштита, односно успшено завршија постапките за развод, чување и воспитување на децата и определување на издршка за малолетните деца.  Другите три предмети се во судска процедура, но значат можност за пристап до правдата на жртвите на семејно насилство“, ингормираат од организацијата.

НРЦ е дел од неформалната мрежа на овластени здруженија за бесплатна правна помош (Македонско здружение на млади правници-Скопје, Младински културен центар-Битола, Национален ромски центар-Куманово, РОМА С.О.С.-Прилеп, Избор-Струмица и ЕХО-Штип). Од мрежата ги охрабруваат жртвите на семејно насилство да побараат правна помош и да ги заштитат своите права и достоинство.