Беспилотен автобус направи сообраќајка на првиот ден од тестирањето

Градски автобус кој се управува самиот направи сообраќајна несреќа на првиот ден од неговата служба во Лас Вегас.

Возилото кое пренесувало неколку патници, било удрено од камион кој се движел со мала брзина.

Никој не бил повреден во инцидентот, за кој градските власти велат дека е вина на човекот кој го возел камионот. Поради грешката, камионџијата добил казна од сообраќајната полиција.

Автобусот е прв од ваков вид на јавните патишта во САД.

Сударот се случи еден ден откако Waymo – во сопственост на компанијата-родител на Google, Alphabet, ја најави првата автопилотна флота на автобуси и такси возила во Феникс, Аризона.

Шатлот во Лас Вегас, дизајниран да ги носи патниците до познатото шеталиште, користи систем развиен од Navya, француска компанија која ја тестира својата технологија и во Лондон.

Шатлот пренесува до 15 лица и има максимална брзина од 45 километри на час, но вообичаено патува со 25 километри на час.

Автопилотна технологија била вмешана во сообраќајни несреќи и порано, но речиси сите пријавени инциденти се случиле поради човечка грешка.

На почетокот на годинава, автономно возило тестирано од Uber во Аризона, се стркала откако друг возач на патиштата не му дало предност.