Берни Сандерс: Доналд Трамп го искористи гневот против естаблишментот

Сенаторот од Вермонт Берни Сандерс изјави дека Доналд Трамп успеал да стане претседател на Америка поради гневот што го има средната класа кон естаблишментот. Иако илјадници луѓе протестираат против победата на Трамп, Сандерс вели дека е подготвен да работи со новоизбраниот претседател за да им помогне на семејствата од работничката класа. Но, тој нагласи дека енергично ќе се спротивстави на „сексистичките, ксенофобичните и анти-еколошките политики“ кои беа споменати за време на кампањата на Трамп.

Сандерс, ја поддржа Клинтон во нејзината кандитатура откако силно се бореше за време на партиската кампања, во која двајцата во неколку наврати се судрија. Тогаш, тој ја нарекуваше Клинтон како член на дискредитирана елита.

Многумина успехот на Сандерс го препишуваа на гневот што го создаде против естаблишментот по финансискиот неуспех во 2008 година, особено кај младата популација. Во неговата изјава по изборите, Сандерс забележа дека Трамп го искористил тој гнев.

„Доналд Трамп го искористи гневот на средната класа на која и е преку глава од економиите, политиките и медиумите на естаблишментот“.

„Луѓето се изморени од долгите работни часови со ниски плати, да гледаат како достојно платените работи одат во Кина и други земји со ниски плати, од милијардери кои не плаќаат даноци и да не можат да си дозволат високо образование за своите деца, додека богатите стануваат уште побогати“, додава тој.

Сандерс смета дека е подготвен да соработува со Трамп, се додека тој е сериозен да ги спроведe политиките кои ќе го подобрат животот на семејствата од работничката класа во земјата, како и други прогресивни политики. Во спротивно, како што подвлече тој, ќе се спротивстави на она што го прави Трамп.