Бернајс Пропаганда ќе настапат на Д Фестивал

Во листата на изведувачи за главната бина на Д Фестивал се придружуваат хероите на македонската независна музичка сцена, инди-пост-панк активистите Бернајс Пропаганда.

Една од најактивните групи од регионов, кога се во прашање нaстапите надвор од неговите граници, тукушто се врати од својата последна европска турнеја промовирајќи го нивниот нов албум „Политика“. Секогаш револуционерни во својот музички израз, со четири студиски изданија и повеќе стотици концерти, Бернајс Пропагандавважат за еден од водечките алтернативни бендови од регионов. Групата веќе ги испиша некои од најинтересните страници во современата историја на „направи сам“ музичката сцена на Балканот и освои огромен број следбеници во регионов и странство кај кои ужива култен статус.

Бендот ја изненади публиката претставувајќи го својот прв официјален видеозапис, изработен за синглот „Лажи ме, лажи ме“, со кој го најави својот нов албум „Политика“. Веднаш по објавувањето на албумот (14 март 2016) за независната словенечка етикета „Мунли рекордс“ (Moonlee Records), го претстави новото остварување со дури три распродадени концерти во Младинскиот културен центар во Скопје, со авангарден аудио-визуелен перформанс.Следен чекор беше последната европска турнеја на која групата замина на 14 април, а во чии рамки тие за 30 дена одржаа 27 концерти, кои ја одведоа групата во Србија, Словенија, Италија, Швајцарија, Франција, Шпанија, Холандија, Германија, Чешка, Словачка и Австрија.

Бернајс Пропаганда се Кристина Горовска (вокал), Васко Атанасоски (гитара) и Дени Крстев (ритам и клавијатури).

Д Фестивал годинава ќе се одржува од 15 до 17 јули во Дојран. Својот настап веќе го потврдија Toy Dolls, Dub Pistols и Чиста Околина на главната бина, The Project Orpheus, Millko, Самостални Референти, Палиндром, Këpurdhat, Anna O, Metanoia и PaprikaPaprika на „Москито Стејџ“.