Белгија парично ќе го казни Фејсбук ако не престане со следење на корисниците

Белгискиот суд му постави ултиматум од 48 часа на Фејсбук, да престане со следење на корисниците кои не се вклучени на мрежата, во спротивно ќе добие казна од 250 000 евра дневно поради кршење на редот.

Според Комисијата за заштита на приватноста, Фејсбук ги следел корисниците кои имале профил на социјалната мрежа преку интернет, дури и кога не биле онлајн и не биле свесни за тоа.

Компанијата пак, преку соопштение изјави дека ги користи овие „cookies“ веќе пет години и дека се целосно безбедни.

„Ние ќе поднесеме жалба против оваа одлука и работиме на тоа да ги намалиме проблемите со пристапот на Фејсбук кај луѓето во Белгија“, стои во соопштението на Фејсбук.

Меѓутоа, ова не е првпат Белгија да го искаже своето несогласување за начинот на кој работи Фејсбук. Белгиската комисија за заштита на приватноста покрена тужба против социјалната мрежа во јуни оваа година, бидејќи не ги почитува препораките за приватноста на корисниците на интернет.