АВМУ го осудува нападот на новинарот на ТВ Телма

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува вчерашното насилство врз новинарот на ТВ Телма Павле Беловски и смета дека ваквите чинови се директен напад врз слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана.

„Агенцијата апелира да не се попречуваат новинарите и претставниците на медиумите во извршување на нивната професионална задача, која е од исклучителна важност во овие општествени мигови“, се вели во нивната реакција.

Со своја реакција се јави и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија, од каде пак велат дека нападите врз новинарите претставуваат напад и врз демократијата. Тие ги повикаа надлежните веднаш да го расчистат случајот.

ССНМ со остра реакција: Напад врз новинар е напад врз демократијата

Новинарот Беловски синоќа беше нападнат пред Министерството за внатрешни работи, за време на извршување професионална задача.

„Лицето најпрвин се обиде вербално да ме испровоцира со политички квалификации. Со колегата, снимател го изигнориравме. Кога тргнав да се јавувам во живо дојде одзади, најпрвин ме удри со тупаници, а потоа и со клоци. Не возвратив. Стравував дека можеби има и оружје во себе. За среќа полицајците кои го обезбедуваа Министерството притрчаа и веднаш му ставија лисици и процедурата заврши во полициската станица Беко. Сакам да испратам апел дека во последно време сè почести се случаите каде се нападнати новинарски екипи. Неважно од кого и заради која причина. Инсистирам тоа да престане и луѓето да имаат разбирање за она што го работиме, без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не“, изјави кратко по инцидентот Беловски.

Преку Фејсбук реагираше и главниот уредник на Телма, Атанас Кировски. Редакцијата на телевизијата за денес најави соопштение со детали за инцидентот.