„Арсена“ во акција по забраната за пиење на водата во училиште и градинка во Гевгелија

Три месеци по забраната за пиење на водата во Општинското основно училиште „Крсте Мисирков“ во Гевгелија и детската градинка „Сончогледи“, граѓанската иницијатива „АРСЕНА“ преку нова  акција за донирање вода на социјално загрозените семејства, ги прашува жителите во стамбените куќи околу овие установи: „Дали знаат за забраната и како надлежните им помогнале во снабдувањето со чиста вода, бидејќи водоснабдителниот систем е ист за цел град, а не само за училиштето и градинката, што значи недозволива концентрација на вода со арсен тече и низ домашните чешми?“

„Никој не дошол. Никој ништо не ни кажал. Немаме услови да купуваме вода. Понекогаш полниме од изворите кај Негорските Бањи“, одговараат жителите на Гевгелија.

Забраната за употреба на водата од ООУ „Крсте Мисирков“ и ДГ „Сончогледи“, како што потсетуваат од „Арсена“ е издадена од Републичката Агениција за храна и ветеринарство на 17.02.2014 година, а истакната на влезните врати од установите на 26.02.2015, поради недозволена концентрација на отровниот елемент арсен.

„Раководителите на училиштето и градинката побарале помош од Општина Гевгелија, која со системот за децентрализација има пренесени надлежности и во обезбедувањето услови во образовните и предшколските институции, и им рекле дека ќе бидат инсталирани чешми со филтер за арсен. Иако науката не познава филтер кој механички може да го отстрани арсенот, сега на децата им е на располагање само по една чешма за цело училиште со близу илјада ученици. Граѓаните од околните стамбени објекти, кои се приклучени на истиот водоводен систем како и посочените институции, не добиле ниту инструкции како да се заштитат од арсенот, ниту предупредување дека водата е неупотреблива и небезбедна за употреба, ниту пак им биле инсталирани филтри за прочистување на арсенот. Проблемот со загадената вода со арсенот е генерален и се однесува на цела општина и не може да се решава парцијално“, истакнуваат од граѓанската асоцијација „Арсена“.

Здружението и годинава продолжи со проектот „Граѓаните и АРСЕНА – до здрава вода за пиење за Гевгелија и населените места“ поддржан од УСАИД преку програмата за граѓанско општество, а во соработка со ФООМ – Македонија, до конечно решавање на проблемот со чиста и здрава вода за гевгеличани.