„Археологијата во прогрес“ – изложба на работни фотографии

Институтот за археолошки истражувања ја организира третата по ред изложба на работни археолошки фотографии под наслов „Археологијата во прогрес“.

Настанот ќе се одржи во петок, со почеток од 19 часот во НУ Археолошки музеј на Македонија. Целта на оваа изложба е да се промовира археологијата и да се претстават најдобрите фотографии изработени изминатите неколку години на археолошките локалитети низ Република Македонија и Европа.

Институтот за организирањето на оваа изложба објави конкурс на кој пристигнаа 100-тина фотографии, од кои 30 најдобри ќе бидат претставени на изложбата. Најдобрите фотографии беа одбрани со помош на стручното жири – Кристијан Тодоров (професионален фотограф) и Ѓорѓи Трпевски (фотограф и камерман од МРТВ), како и со гласање на Facebook страницата на Институтот. За трите најдобри фотографии ќе бидат доделени симболични награди.

Оваа изложба е финансирана од Националната програма за култура за 2017 година на Министерството за култура.

Изложбата ќе биде отворена за посетители на Археолошкиот Музеј на Македонија до средина на месец ноември.