„Антево слово“ – меѓународен конкурс за поезија во Сицилија

Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ (Il Parnaso – Concorso di Poesia Premio Angelo La Vecchia) од оваа година распишува конкурс за наградата „Антево слово“ за најдобра поетска творба во чест на истакнатиот македонски поет Анте Поповски.

Ова е прва година наградата „Антево слово“ да биде конституирана како дел од меѓународна манифестација „Парнас“ награда на „Анџело Ла Векија“ која се одржува секоја година во градот Каникати во Сицилија, а воедно и прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од Македонија.

Пријавени поети за манифестацијата има од цела Европа, а најмногу од Италија. Сите учесници ќе имаат можност да влезат во конкуренција за двете награди – носечката награда „Анџело Ла Векија“, именувана по проф. Анџело Ла Векија познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор, и наградата „Антево слово“ која ќе се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.

На конкурсот може да учествуваат поети од Македонија кои ќе пратат една своја необјавена песна на електронската адреса:mailto:antevoslovo@gmail.com на македонски и на италијански или англиски јазик.

Со учеството на овој конкурс тие ќе можат да бидат дел од авторите кои конкурираат за носечката награда на манифестацијата „Парнас“ награда на Анџело Ла Векија. Поезијата може да се испраќа до 15 декември 2017 година.