[Анкета] Што искусните „фестивалџии“ задолжително носат со себе на кампување?

Летото е фестивалска сезона. Само претстојниов викенд, доаѓаат два фестивали на кои ќе присуствува и Радио МОФ – нашиот Д Фестивал и германскиот Melt. Бидејќи меѓу нашите читатели сигурно има и неискусни кампери-првачиња, прашавме искусни, „ветерани“, што тие секогаш носат со себе во фестивалски камп. Во продолжение, нивните препораки.

Ирена, петкратен фестивалски кампер

Шатор – многу нормално :), вреќа за спиење, душек, перница и пумпа за нив, кабаница, резервни обувки, омиленото ќебе, пола маркет влажни марамици, уште пола маркет кафе, Star Wars шолјата за утринското (оти во спротивно не се важи) кафе, „Концерт за 1001 бубањ“ на Мика (Антиќ) затоа што никаде не одам без неа, SPURS маицата, затоа што ми е 30-40 броја поголема и не ми треба да носам градник, на брат ми дуксерот што не ми го дава, а го крадам, на тато диско кошулата од младоста за спиење, едно 50-60 пара чорапи… и моето дете – чипичанот Мемечи.

Бојан, искусен кампер од далечните 90-ти

За фестивалско кампување обавезно земете си кеси. Јас секогаш си носам. Полно кеси! Во сите бои. Од сите маркети. Не зафаќаат место и тежина, а ќе ви се најдат за ѓубре, или за износени смрдливи чорапи. Или гаќи. Со кесите ќе ви биде пријатно и на вас, и на човекот со кој делите шатор :).

Швајцарско ноже –  ќе го користите за јадење, отворање пивце или копање дупки-бразди покрај шаторот. Сите овие работи се важни.

Земете си добра батериска лампа. Сега скоро сите имаат телефон со светилка, но лампа е лампа. Свети подалеку и поубаво. Носете ја секаде со себе – во и околу камп. Нема да бидете „изгубени Германци“ и навечер полесно ќе го најдете патот до шатор.

Тоалетна хартија или палома марамици. Нема потреба да елаборирам зошто ви требаат.

Не заборавајте кабаница. Временската прогноза е „мајка на сите зезанции“. Плус, понекогаш нема ништо подобро од кабаница и дожд. Најдобрите концертни свирки се случуваат кога „истура“, а вие рипате! Одлична рокенрол-енергетика на дожд и кал, доаѓа како адреналинска инјекција!

Александра, (релативно) неискусен кампер

(десно)

Од неколку фестивалски искуства (немам многу ама сепак е некакво искуство), единствено долго кампување, и многу посакувано, беше Tomorrowland 2016. Најважни нешта за на тој фестивал ми беа поголем ранец, старки и телефон со добра камера. Сè друго си има таму. Прв влез на фестивалот – си земаш камперска опрема, не мора да ја носиш од дома, бидејќи на организиран фестивал како Tomorrowland, опремата може да се изнајмува.

Организација за над 200.000 луѓе, а најдобра што може. Има сè: од локален весник до сопствена радио-станица, пералница, сувенири, фризерски салон и салон за разубавување, станици за полнење телефони и WiFi, сите видови на кафе и најомилената чил зона – со големи, меки фотелји во кампинг делот. Делеа дури и крема за сончање. Во Dreamville делот, со целиот комодитет кој го нуди, мислам дека искуството и не би се сметало за камперско.

Стефанија, четирикратен (и толку!) кампер

Како одечки баксуз, на моето прво кампувачко и фестивалско искуство го поставивме шаторот на мравјалник, па вршев мравкоцид со дезодоранс и немаше како таму да се спие на 35+ степени. На второто врнеше постојано, а јас тогаш имав летна вреќа за спиење, дечко со лош имунитет и ПМС.  На еден Д Фестивал „кампував“ и во кола на паркинг. На третото – врнеше поројно, сè ми беше мокро и на крај – удри гром во кампот.

Не треба да потенцирам дека се преселив наредниот ден. На наредно кампување, ќе си земам многу добра среќа и вишок пари за да си најдам сместување кога ќе имам нервен слом. И гумени чизми и многу големи кеси, затоа што сигурно ќе врне.

Сања, многукратен кампер

Јас сум многу прагматичен кампер/фестивалџија. Секогаш се спремам со список, направен во 2009, кога го напишав за Егзит. Истиот го користам и денес. Да не редам по категории, издвојувам дека секогаш, ама секогаш, и во најтоплото лето носам гумени чизми, онакви, рибарски. Стари патики и милион пара чорапи, да сменам. Носам кабаница, за ако заврне. Во ранецот фрлам една запалка со лед лампа што секогаш ја благословувам за двојната намена. Не знам зошто, но секогаш носам еден мал метален мобилен пепелник (иако целата фестивалска локација изгледа како голем пепелник). Носам антибактериски гел, поради страв од жолтица (Основан. Една Ивана се врати со жолтица од ИнМјузик :) ) Секогаш носам ханзапласт и каков малер сум, секогаш и го употребувам.

Дамир, многу искусен кампер

Кога одиш на фестивал, одиш за да се журкаш, за да играш, за да поминеш најубаво слушајќи ги сите тие бендови и ДЏ-и, а за да го направиш тоа треба да си добро одморен. Ова знае да биде посебно тешко ако се работи за повеќедневен фестивал, кој што има свој камп во кој што забавата никогаш не завршува. Има неколку работи што се must have, ако кампуваш на фестивал:

– Сенка – сенката не можеш да ја понесеш ама можеш да ја најдеш, нормално ако не ти е фетиш спиење во сауна;

– Душек на надувување – за да го издржиш фестивалот мора да си добро наспан, а за да биде така треба да се осигураш дека камчето што ти е под шатор нема од тебе да направи „Принцеза на зрно грашок“. Бонус, ако ти е претопло во шатор секогаш можеш да си го земеш и да се преместиш;

– Голема најлонска вреќа – Летен фестивал не е летен фестивал ако не ти заврне, а кога врне биди сигурен дека кој и да е шатор ќе попушти. Па место да се замараш дали ќе имаш суви чорапи за следниот ден и да не можеш да уживаш во фестивалот, земи го целиот ранец и сета облека што ја имаш и смести ја на сигурно во најлонската вреќа и RAVE ON. Бонус, секогаш можеш да си направиш кабаница;

– Пар удобни патики. Знам дека All Star патиките и останатите патики со рамен ѓон изгледаат кул, ама она што ти треба на фестивал е патика што е направена да издржи товар, а не да биде кул. Во зависност од музиката што ја слушаш во една вечер, може да направиш од 20.000 па и до 80.000 чекора, а за тоа ти треба патика направена за трчање. Сепак си дојден да уживаш во фестивалот, а не да лечиш плускавци и рани на нозете;

– Крема за сончање и средство против комарци – затоа што… не треба да ви кажувам зошто, сте биле во Дојран;

– Челна или џебна лампа – освен ако не си фан на Ministry of funny walks;

– Наочари за сонце – неколку пара.

– Вода, многу вода – you have to stay hydrated

С.Т.

//