[Анкета] Помладите веруваат на СЈО и дозволуваат нова влада и без претседателски мандат

Помладите граѓани на Македонија најмногу доверба имаат во СЈО, повозрасните во Претседателот. Ова го покажаа резултатите на истражувањето на Националниот демократски институт (НДИ), во првата од предвидените три анкети за актуелната политичка ситуација во земјава.

Истражувањето ја наведува и поврзаноста на образованието на граѓаните со степенот на доверба во државните институции. Граѓаните со високо образование, во споредба со граѓаните со средно и основно образование, имаат помалку доверба во сите институции освен во СЈО.

ndi anketa 3

Доверба во институциите според возраст

Доверба во институциите според образование

Помладите граѓани истовремено мислат дека треба да се продолжи мандатот на СЈО. Дури 70% од граѓаните до 35 години се изјасниле за такво нешто, за разлика од 14 проценти кои се против таква одлука.

63% од Граѓаните до 35 години сметаат дека СДСМ и коалициските партнери имаат право да ја предводат Владата. Тоа мислење го имаат 48% од граѓаните на возраст од 35-54 години и 42% од граѓаните над 55 години.

На ова прашање, анкетата забележува и огромна разлика во зависност од медиумот кој најчесто го гледаат испитаниците. Додека 95% од гледачите на АлсатМ сметаат дека коалицијата предводена од СДСМ има право да ја предводи владата, кај гледачите на Сител, тоа го сметаат само 3%.

Помладите граѓани истовремено во најголем процент (45%) одобруваат формирање влада без мандат од Претседателот на државата.

Мнозинството од граѓаните (65%) сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока. Додека како главни проблеми со кои се соочува земјата се наведени политичката криза и невработеноста.

33% од граѓаните излезот од политичката криза го гледаат во формирање Влада со мнозинство пратеници во Собранието, 26% сметаат дека решение се нови избори, а скоро 11% од анкетираните изјавиле дека ништо не може да ја реши кризата.

Според граѓаните, врвен приоритет на новата влада треба да биде развојот на економијата и животниот стандард (25,8%). Следни по важност се крајот на кризата, стабилност (17,9%), нови работни места (11,9%), единство на народот (7,7%) и владеење на правото (5,5%).

Истражувањето на јавното мислење е спроведено во периодот од 17-ти до 21-ви март на примерок од 807 испитаници. Предвидени се уште две анкети, во април и мај, кои ќе го следат трендот на јавното мислење на овие теми.

Целосната анкета можете да ја погледнете на овој ЛИНК.