Анкета на ИДСЦС: Пратениците застапуваат партиски и лични интереси

Македонските граѓани сметаат дека Владата го контролира Собранието, и покрај тоа што, според уставните надлежности, улогата на овие две институции треба да биде обратна. Перцепциите на граѓаните се и дека земјата се движи во погрешна насока и дека пратениците се целосно зависни од волјата на партиските лидери.

Ова се дел податоците кои ги сподели Институтот за демократија Социетас цивилис (ИДСЦС) по теренското истражување за перцепциите на граѓаните за работата на македонските пратеници. Истражувањето е теренски спроведено од 1 до 20 јули, лице во лице, на примерок од 1000 испитаници.

Parlament

57% од испитаниците сметаат дека контролата на Владата врз Собранието е голема или соодветна, додека 55% сметаат дека Собранието има мала или никаква контрола врз извршната власт.

Над две третини од граѓаните сметаат дека пратениците во Собранието секогаш ги застапуваат интересите на нивните политички партии и своите лични интереси. Половина од испитаниците изјавиле дека пратениците само понекогаш ги застапуваат интересите на граѓаните.

38% од испитаниците не можеле да ги препознаат имињата на пратениците во својата изборна единица, општина или регион.

72% од испитаниците изјавиле дека пратениците се целосно зависни од волјата на лидерите на политичките партии.

Шест од десет испитаници сметаат дека животот во Македонија генерално се движи во погрешна насока. Најнегативна перцепција по ова прашање имаат граѓаните на возраст од 25 до 34 години (68%) и граѓаните од североисточниот регион на земјата (76%), додека позитивна перцепција имаат само граѓаните над 75 годишна возраст.

Односот меѓу пратениците граѓаните најмногу го опишуваат како непријателски.

Истражувањето открива дека повеќе од половина од граѓаните мислат дека законите во земјата се менуваат многу често, а 60% од граѓаните пратеничките прашања ги гледаат како владино рекламирање.