„Анимакс“ од утре ќе прикажува 52 анимирани филмови од 25 земји

На четирите фестивалски денови на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ во периодот од 1 до 4 декември во Кинотека на Македонија ќе бидат прикажани вкупно 52 анимирани филмови од 25 земји од светот.

Под мотото „За нагоре“, овој фестивал ќе го одржи своето 6-то издание со програма наменета за возрасни и за деца. Филмовите се селектирани од рекордно пријавени 1.527 анимации од 85 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил итн.

На последниот ден од фестивалот, 4 декември, ќе бидат доделени наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула, а за нив ќе одлучува меѓународна жири-комисија – Дарија Копиец, аниматорка од Полска, Масимилиано Нардули, програмски директор и селектор на неколку европски филмски фестивали и Жарко Иванов, аниматор од Македонија. Исто така ќе биде доделена и Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат децата во четири фестивалски денови. Градоначалникот на Град Скопје ќе додели Специјална награда Гран При за најдобар анимиран филм во рамки на фестивалот.

Како дел од придружната програма на фестивалот ќе се одржат три работилници и една промоција на книга за анимација.

„Анимацијата како медиум нуди голем број техники на работа, вклучува најразновидни сретства, материјали и технологии. Заради тоа анимираните филмови се секогаш иновативни и оригинални. Се обидуваме на публиката да ги претставиме оние техники не толку застапени кај нас, кои можеби ќе отворат нови полиња за работа на македонските аниматори. Оттука произлезе идејата да организираме работилница за анимација со канадскиот автор Николас Бролт за неговата невообичаена техника на анимирање со леење шеќер, во која оригиналната шеќерна материја од која се создава филмот буквално ќе им биде понудена на учесниците за проба“, вели директорот на „Анимакс“, Кузман Кузмановски.

„Анимацијата е неразделно поврзана со децата и затоа повторно и годинава им посветуваме големо внимание на најмалите“, дополнува Кузмановски.

animax-2016-press-konferencija

Работилницата за деца во техниката стоп анимација со пластелин ќе се реализира под менторство на полска аниматорка и режисерка Копиец. Десет деца во период од три дена ќе работат под менторство на Дарија и ќе создадат краток анимиран филм  кој ќе биде прикажан на големото платно последната фестивалска вечер.

Во рамки на „Анимакс“ ќе биде одржана и стрип работилница за деца Мак-стрип, на која група од 20-тина деца ќе ги научат основите на создавање стрип, кој како медиум е тесно поврзан со анимацијата. Ментори на оваа работилница се Здравко Гиров и Давор Драмиќанин.

Годинава на „Анимакс“ ќе биде промовиран зборникот „Опсесија. Перверзија. Бунтовност. Изопачени соништа на централно-европската анимација“ од Михал Бобровски од Полска. Зборникот содржи текстови посветени на субверзивните и потиснатите мотиви кои се присутни во авторските анимирани филмови кои доаѓаат од државите од „Вишеградската група“ и Италија.

Сите проекции за деца, како и учеството на работилници е бесплатно. Целата програма може да се погледне ТУКА.

Инаку, „Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија и Град Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија.

„Анимакс Скопје Фест“ е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови, за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.