„Анима мунди“ обезбеди стерилизација на 200 бездомни кутриња

Благодарение на партнерството што здружението за заштита на животни „Анима мунди“ го воспостави со ЕНПА, најстарата организација за заштита на животни во Италија, обезбедена е помош за стерилизација на 200 бездомни кутриња во Скопје. Од „Анима мунди“ велат дека оваа бројка е само почеток и дека нема да запре тука.

„Анима мунди“ обезбеди стерилизација на 200 бездомни кутриња

За кученцата се обезбедени стерилизација и 24-часовно постоперативно сместување.

– Целта на проектот е хуман третман на бездомните животни за кои се грижиме ние, љубителите на животни, како и практикување граѓанска одговорност зошто само со еден чекор (стерилизација на едно кутре) го затвораме кругот на раѓањето на илјадници нови бездомни животни на улиците и нивното страдање и усмртување; правиме хумано дело кое е во интерес и на животните и на нашата заедница – велат од „Анима мунди“.

Тие посочуваат дека стерилизираните кутриња имаат смирен хормонален статус и не се здружуваат во глутници, нема мајки што ги бранат своите младенчиња, се намалува бројката на луѓе на кои им пречат животните… Од друга страна, стерилизацијата е полезна за здравјето на животните и спречува многубројни смртоносни заболувања (канцер на матката и на млечните жлезди), така што стерилизираните кутриња живеат поздраво и подолго.

– Стерилизацијата е вистинска одлука доколку се грижите за некое кутре и сакате тоа среќно да живее. Со превенцијата на нови раѓања им даваме шанса на живите да преживеат, велат од Анима Мунди.

За таа цел, ги повикуваат сите граѓани што сакаат да ги стерилизираат своите маалски миленичиња да контактираат веднаш на anima.mundi.sk.mk@gmail.com и да резервираат термин за стерилизација на своето сакано кутре. Да бидеме заедно хумани и одговорни во интерес на сите, луѓето и животните! – повикуваат активистите.

Извор