Анализа: Реформата во МРТ мора да биде поддржана со многу повеќе пари

Две клучни работи се важни за да се објасни барањето за поголемо финансирање од досегашното за Јавниот сервис – вложување во луѓе и вложување во техника. МРТ, иако на прв поглед изгледа спротивно, се соочува и со кадровски проблем и со проблеми со техниката што ја има на располагање, иако тука се направени извесни вложувања во последните десет години

Пишува: Б.Т.

 Најголем предизвик на новата македонска Влада за реформите во медиумите е трансформацијата на Македонската радио телевизија во вистински јавен сервис на граѓаните.  Јавните радиодифузни сервиси претставуваат столб на секој медиумски систем на секоја европска слободна и демократска земја.

Советот на Европа, во препораката од 1996 година ја афирмира виталната улога на јавните радиодифузни сервиси како суштински фактор за плурализам во медиумите, преку обезбедување на сеопфатна програма што содржи информации, едукација, култура и забава за граѓаните.

Ваквата улога на јавите сервиси, Советот на Европа ја зајакнува со следната препорака донесена во 2012 година, која појаснува дека примарната улога на јавниот сервис е да го промовира општиот интерес како што е социјалниот напредок, јавната свест за демократските процеси, интер-културното разбирање и социјалната интеграција.

Меѓутоа, Советот во истата препорака предупредува дека јавниот сервис не може да биде важен извор на точни, навремени и плурални информации ако не биде независен од разни политички и економски влијанија.

За жал, Македонската радио-телевизија уште од незавинсота на земјата не успеа да се изгради како вистински јавен сервис на граѓани поради силната политичка контрола на владејачките структури и отсуството на стабилен и оддржлив извор на финансирање.

Политичката и партиската контрола над МРТ е констатирана и од Европската комисија, во извештајот за напредокот на Македонија во 2014 година, каде се констатира дека МРТ во целост не ја исполнува улогата на јавен сервис како извор на информативна медиумска содржина која е балансирана и непристрасна. Освен тоа, Комисијата потенцира дека „политичката и финансиската независност на јавниот сервис не се сè уште точно определени“.

Негативни оценки за работата на МРТ се дадени и во Финалниот извештај на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските и предвремените парламентарни избори 2014 година, во кои се констатира дека известувањето на МРТ за изборната кампања било пристрасно во прилог на владејачките партии. „Јавниот радиодифузен сервис не успеа да обезбеди балансирaна и еднаква покриеност на сите кандидати“, се истакнува во извештајот.

За да се изгради МРТ како независен и професионален јавен сервис потребна е политичка свест од новата влада дека сервисот мора да биде независен од било која политичка гарнитура и дека треба да се изнајде финансиски модел, кој ќе обезбеди стабилно, долгорочно финансирање, со цел тој да прерасне во силен јавен сервис со соодветен професионален кадар и опрема.

Политичка волја без пари е само флоскула

Новата влада избрана на почетокот на јуни годинава, навидум се чини дека ја разбира важноста и потребата од постоење на силен јавен сервис, како дел од севкупните медиумски реформи. Во март 2016 година пратеничката група на СДСМ, тогаш во опозиција, ги поддржаа измените на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, каде меѓу другото беше предвидено еден посто од буџетот на земјата, што се околу 30 милиони евра, да се одвои за финансирање на МРТ.

Но, веќе со ребалансот на Буџетот за кој се расправаше во Собранието, се појавуваат последните отстапувања. Во Ребалансот како замена на РДТ и на дополнителните средства што и досега беа издвојувани од Буџетот на РМ, за последните три месеци од годината се предвидени само 200 милиони денари или  3,25 милиони евра за финансирање на јавниот сервис. Објаснувањето е дека тоа е само за да крајот на оваа буџетска година, а дека целосните годишни финансии ќе се биде утврдена во Буџетот за 2018 година.

Бидејќи во некои јавни настапи на премиерот Зоран Заев и на министри од владата постои извесна несигурност за тоа колку пари треба да добие јавниот сервис од Буџетот  – дали 0,5, дали 0,7, итн. Таа конфузија дополнително се засили со предлогот за измени на ЗАВМУ што го поднесе во Собрание опозицијата, када процентот за финансирање на сервисот се спушта на 0.5 отсто.

Бројката од 3,25 милиони евра за последните три месеци, на годишно ниво значи 13 милиони евра. Тоа, претворено во проценти, значи нешто над  0.39 отсто од Буџетот, кој со ребалансот изнесува 3.305,8 (три милијарди и триста и пет милиони и осумстотини илјади евра).

Ова значи дека Владата во моментот решила да одвои помалку пари за МРТ за последните три месеци од годината, споредено со претходните години кога куќата се финансираше од РДТ и разни дотациите од буџетот.

Тоа го покажуваат и следниве бројки, потврдени на барање на ЗНМ и од УЈП:

Наплата на РДТ во 2014, 2015, 2016 и во периодот јануари-јуни 2017 година 07/07/2017
РДТ 2014 2015 2016 30/06/2017
1.Решенија за утврдување на РДТ* 1.194.433.860 1.167.589.610 1.122.461.670 542.081.780
2.Доброволна наплата 683.398.019 746.010.855 717.428.913 323.809.018
2.1Опомени 37.295.908 15.697.076 808.250 137.210
3.Вкупна наплата (2+2.1) 720.693.927 761.707.931 718.237.163 323.946.228
% на наплата/ утврдување (3/1) 60,34 65,24 63,99 59,76
4.Присилна наплата (ПН) 89.517.231 124.423.977 133.456.544 17.401.706
5. ВКУПНО наплатено (3+4) 810.211.158 886.131.908 851.693.707 341.347.934
% на вкупна наплата/ утврдување (5/1) 67,83 75,89 75,88 62,97
Напомена: * Во полето Решенија РДТ задолжување- земени се за 2014 решенија за РДТ задолжување почнувајќи од 12/2013-11/2014 од причина што истите се доспеани во 2014.  Решенија РДТ задолжување за 2015 се од 12/2014-11/2015, за решенија РДТ задолжување за 2016 се од 12/2015-11/2016 и за решенија РДТ задолжување до 30.06 2017 се земени решенија од 12/2016-05/2017 година

Ако од оваа наплата се направи една анализа ќе се види следново:

На пример, во најдобрата година по остварен приход од приложениве три и половина, а тоа е 2015 г. во однос на наплатата на РДТ може да се види дека МРТ донела решенија за утврдување на РДТ од 1, 16 милијарди денари или речиси 18,9 милиони евра. Од тоа со доброволна наплата успеале да остварат приход од 12,130 милиони евра, а со присилна наплата приход од 2.023 милиони евра или вкупно наплата само од РДТ за 2015 г. приход од над 14.408 милиони евра. Во најлошата година од вкупна наплата, 2014 година, МРТ остварила приход од 13.174 милиони евра, што е повторно над она што го проектирала Владата со Ребалансот во моментов, која се ограничила на некоја проекција од 13 милиони евра на годишно ниво.

Кај се парите од Владата?

Кога се прават овие анализи треба да се има предвид дека Владата секоја година по неколку основи покрај приходите од РДТ издвојуваше дополнителни неколку милиони евра годишно од буџетот за финансирање на МРТ. Тоа се помош за тековно работење, за дигитализација и развој, субвенции за снимање домашна играна, документарна и музичка програма, итн. Според годишните извештаи на МРТ од 2016 година , во последните три години од владата има добиено дотации во износ од 3 до 5 милиони евра. Исклучок е 2013 година, кога МРТ има значително поголем приходод Владата.

Сега со ребалансот на буџетот за 2017 годиина, со предвидените 3,2 милиони евра за финансирање на МРТ до крајот на годината, ќе се укинат и досегашните дотации по разни основи. Во моментов не знаеме колку се досега префрлени од предвидените средства за 2017 со стариот буџет, но поаѓајќи од документот за реализација на Буџетот во првите 6 месеци на Министерството за финансии може да се заклучи дека за трансфери се префрлени околу 55 отсто од предвидените средства.

„Влада на Република Македонија во првите шест месеци од 2017 година реализираше 585 милиони денари, што е 32,8% од буџетот за оваа година. Најзначајна ставка во расходите на Владата на Република Македонија се субвенциите и трансферите, чија реализација во овој период изнесува 383 милиони денари, или 54,5% од вкупно планираниот износ за оваа намена“, се вели во документот на Министерството за финансии.

Оваа пресметка може да се потврди и од кварталниот извештај за работењето на МРТ во 2017 година, кога како приходи од буџетот се планирани околу 282 милиони денари или 4,58 милиони евра. Од Министерството за култура од планираните 32 милиони добиле МРТ не добила ниту еден денар, а ниту МИОА не префрлила ништо од  планираните 10 милиони.

И така, доаѓаме до заклучок дека Владата во овој ребаланс не се држи до заложбите ниту на медиумските организации, ниту на сопствените лани прифатени обврски со гласањето на Законот што тогаш беше поднесен од новинарските организации, а прифатен и гласан од пратениците на СДСМ, 1 отсто од буџетот на државата да се одвои за финансирање на МРТ, од кои 0,3 посто одат за финансирање на Македонската радио-дифузија и за Агенцијата за медиуми.

И уште еден податок од самата МРТ, од годишниот извештај за 2016, кој никако не смее да биде игнориран. На крајот од 2016 година вкупните обврски на МРТ (краткорочни и долгорочни) изнесувале 1, 3 милијарди денари или 21,85 милиони евра, при што, репрограмирани долгови за ДДВ се над 2,2 милиони евра.

Кадровски и проблеми со техника

Да заклучиме, решението за финансирање со 3,35 милиони евра е решение кое е далеку од потребите за да се одржи системот на минимум, а камо ли да стане збор за некои суштински реформи во МРТ. Кога станува збор за јавниот сервис, ниту власта ниту опозицијата не покажуваат знаци дека се свесни или знаат каква е состојбата во моментов таму и што е се неопходно да се направи за промена на лошата состојба.

МРТ се соочува со недостиг на кадри и во новинарскиот дел и во делот од техниката, а се сочува и со потреба од неопходни набавки и во камери, компјутери и возила. Иако куќата располага со над 300 новинари од кои седумдесетина уредници за сите три програми на Телевизијата и на Радиото, МРТ нема информативна програма што исполнува минимум стандарди на вистинска информативна програма.

Последните свежи вести во текот на денот се некаде во вечерните часови на денот (22, евентуално 24 часот. Првите свежи вести наутро се најрано во 9, а неретко и во 10 часот. Ова впрочем се покажа на неколку големи настани во светот – терористички напади низ Европа, но најголемиот, така да се рече, новинарски срам, МРТ го доживеа минатата година за време на поплавите во Скопје, кога првото вклучување со камера го имаа во вонредните или редовните вести, веќе не е ни важно, во 13 часот.

Многу е слична, можеби и полоша состојба и во Радиото. Првата програма на МР последните вести во живо ги емитува во 22 часот, а потоа го снима и снимен го остава Утринскиот радио весник (централна утринска информативна емисија) која се емитува во 7 часот наутро. Првите свежи вести се потоа во кратката емисија во 10 часот. Располагаме со релативно прецизни сознанија по колку луѓе работат во информативните програми, тоа се 12-тина во МТВ во Прва програма и во Дескот на Радиото само 4-ца новинари.

Другите што ги полнат информативните емисии се од други редакции, но суштината е дека дневните редакции или десковите, мора да бројат многу повеќе луѓе за да функционира протокот на информациите постојано во текот на 24 часа, што е и законска обврска на Јавен сервис (Член 110 од ЗАВМУ, став еден и став три).

Дополнително во изминатите години МРТ ја има уништено дописничката мрежа. И таму каде има дописник тие немаат камери да ги следат настаните. Малкуте информации што ги проследуваат се благодарение на солидарноста на колегите од приватните локални медиуми, кои ги споделуваат со дописниците материјалите.

Лоша е состојбата и со опремување со техника и со кадар што ја управува неа.Севкупниот сервис на МРТ, според податоци од Агенцијата за медиуми соопштена во 2015 година го опслужувале само 26 инженери и техничари. Во меѓувреме бројот на технички персонал е намален дополнително бидејќи дел од персоналот во меѓувреме си заминале во пензија.

Пред некоја година имало случка кога подолго време имало целосен прекин во емитувањето на програмата, затоа што единствениот инженер што знаел да го отстрани дефектот бил починат, а на негово место не било вработено друго лице.

Но, може да се наведе и фрапантното сознание до кое дојдовме од нашите извори кои ги цениме како веродостојни, дека Главната режија на МТВ нема резервен компјутер, па така, ако се расипе или треба да се ресетира или да се замени некој дел, програма се прекинува.

Истото може да се случи на пример и со главниот агрегат за електрична енергија во целата куќа, кој, е стар повеќе од две-три децении.

Што се однесува до задоволување на информативната програма по стандарди за целосно навремено и брзо информирање, и да има новинари, нема доволно техника, ниту возила.

На пример, целата МТВ, според нашите извори, располагала со вкупно 20 сниматели, кои имаат 12 камери, од кои на половината не им функционира или имаат проблем со дисплеите. Вестите на МРТ 1 ги покриваат три до четири сниматели претпладне и еден попладне. Толку се и камерите на располагање, доколку некоја снимателска екипа не замине некаде на пат.

Вториот програмски сервис МРТ2 кој сега е на албански јазик имал само двајца сниматели претпладне и еден попладне. Исто така, проблем е ако некоја екипа или снимател замине на пат. Редакциите на другите јазици на малцинствата се жалат дека немаат снимател за да земат некоја изјава или да направат некој разговор на терен.

Возилата кои се употребуваат за пренесување на новинарите и снимателите на дневна основа се две, со двајца возачи и едно комбе по потреба, доколку не е на пат, а попладне со еден автомобил и еден возач за двата програмски сервиси. Автомобилите се прилично амортизирани, тврдат нашите извори.

Проблем имало и со компјутерите во МРТ, како што се и оние за монтажа. Имено од поодамна техниката е отидена толку напред што новинарите сами би требало да ги монтираат прилозите, било за на ТВ било за во Радиото. Но, монтажни единици со софтверот или системот што е современ (од компанијата Cinegy)  се минимален број. Само во редакцијата за вести на МТВ 1  и МТВ 2 и тоа само ограничен број новинарите работат во Синеџи системот. Тие делумно монтираат, а финесата на монтажата ја прават монтажерите. Другите редакции работат во друг систем – софтвер, „Премиер“, што дополнително ја усложнувало работата и доведувало до намалување на квалитетот на снимката, поради проблеми при префрлањето на материјалот од hd картичките. Недостасуваат микрофони, „буби“, мемориски картички, не уверуваат нашите извори.

Дека сето ова е така, можеби доволно зборува податокот дека за инвестиции во 2016 година биле предвидени 37 милиони денари (од вкупниот приход од над една милијарда), а биле реализирани само нешто над 18 милиони или околу 300 илјади евра. Во 2015 пак, состојбата била уште полоша – вкупните инвестиции биле само над 4 милиони денари Извор, повторно ни е Годишниот извештај за работењето на МРТ во 2016 г.

Еве ја и кадровската структура на МРТ, заклучно со 2016 година:

Вработени:  864

Образовна структура на вработените:  46.4% со ССС, 41,3% со ВСС, 12,3% останати.

Само податокот дека помалку од половина се со ВСС загрижува.

Нема реформи без пари

Според извештајот за работата на МРТ во 2016 година, а така е и со години наназад, висината на платите биле далеку од приоритет според расходи. За бруто плати биле одвоени околу 6,5 милиони евра. Според приближна пресметка за давачките, се доаѓа до податокот дека просечна нето плата во МРТ е околу 23.130 денари (бруто, поделено на број на вработени, минусирано за околу 40 отсто давачки). Ако ги изземеме менаџерските договори, за кои неофицијално многу се зборува, основните плати на главните уредници што ги водат програмите се движат околу или под 30 илјади денари. Новинарските се уште пониски.

Секој што сака сериозна реформа каде било, треба да знае дека реформата во медиумите не  се спроведува со потценет труд, особено не со ниски плати во МРТ. Само добро платени новинари и уредници можат да бидат сериозно посветени и независни во професионалното изразување. Впрочем примерот со ББЦ, а да не ги наведуваме и другите јавни сервиси во Европа но и во регионот, се јасни. Годишниот буџет на ХРТ (јавниот сервис на Хрватска) е нешто под 200 милиони евра, а на РТС (Србија), околу 100 милиони евра. Во Македонија за МРТ се обезбедуваат не повеќе од 12 милиони евра годишно.

Ова се само дел од причините зошто ЗНМ и другите медиумски организации се залагаат 1 отсто од Буџетот на РМ да биде наменет за финансирање на МРТ. Сериозната реформа треба и да се плати, односно финансиски да се поддржи инаку ќе остане само на ниво на лажно ветување или неискрен пристап.

И да повториме – СДСМ во 2016 година кога беше опозиција во целост го поддржа и гласаше за измени на законот во кој финансиите за МРТ беа дефинирани на 1 отсто од Буџетот. СДСМ треба да остане конзистентна и да не ги менува ставовите во зависност од тоа дали е на власт или во опозиција.

Претставниците на новинарските организации директно од Премиерот и еден од министрите добија ветување дека ќе се остане на оваа конзистентност. Првите чекори со Ребалансот и со искажани идеи дека ќе се одело чекор по чекор за да се стигнело до овој процент, т.е. во период од неколку години, укажуваат на неконзистентност.

А политичките елити треба да знаат дека нема ни Р од реформа, ако се остави МРТ со финансии колку за преживување. Ако нема реформи во јавниот сервис, воопшто не може ни да стане збор за севкупни реформи во медиумската сфера!

Оваа активност е во рамки на проектот “Регионална платформа на западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и за заштита на новинарите”. Содржината на анализата е единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и авторите и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.