Ана Јакимска со награда на филмски фестивал во Трст

Нацрт-сценариото (treatment) за долгометражниот игран филм „Midnight train“ на Ана Јакимска ја доби единствената награда на Филмскиот фестивал во Трст, Италија, на работилницата EASTWEEK во конкуренција од десет пријавени проекти од различни европски земји.

Наградата која ја додели деканот на филмската академија ФАМУ од Прага, Павел Јех, е во форма на грант за учество на работилницата MIDPOINT во Чешка и Словачка.

– Програмата трае три месеци и вклучува две резиденцијални работилници и две онлајн сесии. Резиденцијалните сесии ќе се одвиваат во јуни и август. По завршувањето на втората работилница, проектите ќе имаат шанса да бидат презентирани пред претставници од европски филмски програми и институции, продуценти и останати филмски професионалци, овозможувајќи им на проектите да добијат интернационални копродуценти, соопшти Факултетот за драмски уметности.

Јакимска е студент на Катедрата за филмска и ТВ-режија на Факултетот за драмски уметности, во класата на Антонио Митриќески, а проектот е работен под менторство на Сашко Насев, професор по филмско и ТВ-сценарио.