Американските комичари платија билборди и реклами во трка за наградите за „лажни вести“ на Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп преку Твитер објави дека организира доделување награди за „лажни вести“, на кој ќе ги прогласи „најнечесните и најпристрасните медиумски лица“ за минатата година.

„Наградите за лажни вести, кои ќе ги добијат најкорумпираните и најпристрасните во мејнстрим медиуми ќе бидат презентирани на губитниците во среда, 17ти јануари. Интересот и нивната важност се многу поголеми од тоа што некој можеше да го очекува“, напиша Трамп на Твитер, откако наградите најпрвин требаше да се одржат овој понеделник.

Но, намерата на Трамп да ги исмее медиумите, предизвика реакција кај најпознатите американски комичари, кои на најразличен начин се обидоа да му го привлечат вниманието на претседателот и тој да ги избере токму нив за главната награда.

Популарниот Стивен Колбер, кој во своето шоу секојдневно го исмева Трамп и неговото однесување, постави билборт во Њујорк, со слика слична на онаа со која филмовите се рекламираат пред доделувањето на награди како Оскар или Златен глобус. Колбер преку билбордот го повикува Трамп да го има во предвид за сите категории, меѓу нив и за „најдобро пренесување на пораките на Џорџ Сорос“, „најдобра монтажа на звук“ и „најлажна нечесност“, заедно со повеќе негативни коментари за неговото хумористично шоу.

Билбордот со рекламата на Колбер во Њујорк

Слична реклама на својот Твитер објави и Саманта Би, која го води комичното шоу „Фул Фронтал“, заедно со неколку злобни коментари поставени на нејзиниот Јутјуб канал.

Водителот на „Дејли Шоу“, Тревор Ноа, отиде чекор подалеку плаќајќи оглас на една страна во Њујорк Тајмс во која се „рекламира“ себе за наградата на Трамп, а истовремено споделувајќи и негативна кампања за неговите „ривали“ Колбер и Би. Помеѓу цитатите за неговото Шоу, Ноа ставил негативни цитати против него од најголемите конзервативни медиуми, кои Трамп често ги фали. „Монотона либерална догма“, „Анти-Трамп шарлатан“ и „Уживај во нашите долари и затвори ја муцката“ се дел од коментарите на постерот на Ноа.

Саркастичен одговор на наградите за лажни вести стигна пред два дена и од глобалниот Комитет за заштита на новинарите, кои ги соопштија наградените политичари кои „вршеле најголем притисок врз медиумите“ во 2017. Трамп победил во категоријата „Подривање на глобалната слобода на медиумите“, а се нашол на второто место во категоријата „Најчувствителен на критика“, веднаш зад турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.