Американскиот состав Swans во Скопје

По повод 40-то издание на Меѓународниот театарски фестивал МОТ, Младинскиот културен центар објави дека SWANS на 12-ти јули за прв пат доаѓаат во Македонија.

Култниот американски состав во рамките на својата европска турнеја ќе го посети и Скопје, како единствен град во поширокиот регион. Скопје е на списокот европски градови што ќе бидат допрени од магијата на Swans, заедно со: Дортмунд, Архус, Берген, Осло, Трондхајм, Малме, Лиеж, Лондон, Бристол, Ливерпул, Глазгов, Белфаст, Даблин, Париз, Киев…

Ако најавите за реактивирање на реномираниот арт-рок проект Swans, кон крајот на минатата деценија предизвикаа дубиозни реакции меѓу повеќето познавачи на ликот и делото на хиперборецот Мајкл Џира, тогаш трилогијата албуми, која почна со неверојатниот My Father Will Guide Me… во 2010 г., јасно и недвосмислено покажа дека најновата инкарнација на бендот претставува прочистен сублимат на целокупното негово постоење.

Раѓањето на бендот во 1982 г. беше прилично драматично: Swans успеаја истовремено да ја плукнат и да ја отераат „у п.м.“ својата родилка – суперплодната сцена на њујоршкиот no wave од крајот на 1970-те, односно почетокот на 1980-те и да го изедат својот помал брат-близнак, краткорочниот проект Circus Mort, оддавајќи им почит со само едно “нормално” EP во музичка смисла. По ова почетно социјализирање, па сè до ден-денес, се чини дека единствениот постојан и врвен императив при градењето на идентитетот на Swans е да се оправда злогласната дихотомија на лебедите како преубави суштества со ептен чурук табиет. Nomen est omen.

Нивното прво албумско остварување Filth, и по 30 и кусур години продолжува да фасцинира буквално сè што било и е прогресивно во онаа бескомпромисно креативна струја во рок музиката, а т.н. среден период на групата – до opus magnum-от Children of God – со Jarboe, култната вокалистка и долгогодишна партнерка на Џира, е извор на инспирација на уште поширок круг на безброј есенцијални изведувачи од средината на 1980-те па натаму.

Во 1997 г., Џира решава да го хибернира проектот и последователно да ги формира Angels of Light за да се концентрира на полиричната страна на Swans карактеристична за периодот од The Burning World, преку White Light from the Mouth of Infinity и, според многумина, најслушливиот The Great Annihilator(1995).
По низата соработки со врвни музичари во низа проекти и соло настапи, Џира решава да го затвори кругот воскреснувајќи го препознатливиот монолитен, бескомпромисен звук на Swans со веќе споменатиот My Father… Последните два албуми, The Seer (2012) и To Be Kind (2014), се несомнен триумф во намерата да се транспонира ритуалната еуфорија при концертната манифестација на култниот феномен Swans, која сама по себе претставува можност за фундаментално трансформативно искуство, кое еве, благодарение на наклонетите космичките сили, ќе имаме прилика да го доживееме во нашиот град.

Билетите ќе имаат цена од 500 денари, само на билетарницата на МКЦ, ќе бидат во продажба уште од вторник, 28-ми април. На денот на концертот, цената на билетите ќе биде 700 денари.