Американска премиера на „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски во Калифорнија

Најновиот филм на Милчо Манчевски – „Бикини Мун“, на 3ти март ќе ја има американската премиера на фестивалот Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија. Филмот, кој е американско-германската копродукција, ќе биде прикажан четири пати во програмата „Живот“, која го најавува филмот со зборовите „Царствата на умот се бескрајни и чудесни“.

Реномираниот Синеквест е избран за најдобар филмски фестивал од читателите на „Ју-Ес-Еј тудеј“ и се одржува во Силиконската Долина.

Изминатава недела, петтиот игран филм на Манчевски ја имаше европската премиера на Фантаспорто во Порто, Португалија и на белградски ФЕСТ, каде режисерот е на чело на меѓународното жири. На ФЕСТ беше прикажан и документарец за творештвото на Манчевски.

Во текот на март „Бикини Мун“ ќе игра и на еден од најголемите американски фестивали на независен филм во Сарасота, а во Европа ќе се прикаже и на фестивалот во Софија.

Кондола Рашад – која беше три пати номинирана за бродвејската награда Тони и која во моментов игра во серијата „Милијарди“ – ја глуми Бикини Мун Дејвис. Бикини е харизматична жена војник со психички проблеми која го привлекува вниманието на документарна екипа; тие сакаат да ја искористат нејзината приказна за сопствена слава. Во оваа модерна бајка која се потпира врз нарушениот идеал за семејство настапуваат и Сара Голдберг, Вил Јановиц и Сатја Сридхаран, а директор на фотографија е Џошуа З. Вајнастајн.

„Бикини Мун е психолошки портрет кој има формат на лажен документарец и зборува за тоа како медиумите (вклучувајќи го и филмот) го експлоатираат поединецот. Денес секаде и секој снима и тоа го гледаме сите: од прислушување и безбедносни камери до самослик на Фејсбук. Бикини Мун, како и моите досегашни филмови зборува за природата на вистината, лагата и илузијата“, изјави Манчевски.

„Бикини Мун“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло каде ја освои бразилската критика. „Брилијантен авторски филм“, „Милчо, провокативен како и секогаш, прави особено оригинален и силен коментар за информатичкото општество“, „Делото на Манчевски флертува со надреализмот со цел да ја прикаже стварноста. Тој е режисер-филозоф“, напишаа меѓу другото бразилските критичари.