Американците отсега можат да се пријават за гласање преку Снепчет

Жителите на САД на претстојните избори ќе можат да се пријават за гласање преку Снепчет.

Апликацијата започна кампања со непрофитната организација TurboVote, која ги охрабрува граѓаните да гласаат преку олеснување на процесот на регистрација.

Секој корисник на Снепчет во САД кој има 18 или повеќе години и има право на глас, може да ги гледа видео рекламите кои со директен линк водат до веб страница за пријавување за гласање во самата апликација. Кампањата започнала на 15 септември и ќе трае се до 7 октомври.

Според Снепчет и TurboVote, партнерството е начин да се охрабрат што е можно повеќе луѓе, особено милениумците, да гласаат. Снепчет го користат 41 процент од сите млади на возраст меѓу 18 и 34 години во САД.

Токму таа возрасна група вообичаено има најмала излезеност на претседателските избори во САД, а истото се очекува и оваа година. На изборите во 2012 година, гласале само 46 проценти од припадниците на оваа демографска група, според Pew Research Center.