Амбулантните возила во Шведска ќе ја гасат музиката во автомобилите

Возилата на брзата помош во Стокхолм тестираат систем кој ја прекинува музиката која свири во автомобилите, со цел да ги предупреди возачите дека им е потребен простор за да поминат во сообраќајот.

Новата технологија, која ја развиле студенти на КТХ Кралскиот институт за технологија во градот, емитува гласовно предупредување, додека истовремено на радио дисплејот во автомобилот се појавува и текстуална порака.

Системот користи ФМ радио сигнал за да ги попречи звучниците на возачите и да ја прекинат музиката. Ќе може да ги предупредува само возилата кои имаат вклучено радио, може да пресретнува музика од ЦД и музика која се емитува преку блутут поврзување.

Радио трансмисија се испраќа од амбулантното возило до ФМ тјунерите во близина кои користат РДС комуникациски протокол за вклучување мали количини на дигитална информација во ФМ радио емитувањето. Оваа технологија најчесто се користи за покажување на станицата или името на песната која се емитува на радио дисплејот во автомобилот.

„Често возачите имаат само неколку секунди да реагираат и да ослободат пат за возилата на брза помош. Оптималното време за предупредување е најмалку 10 до 15 секунди“, вели Микаел Ернеберг, студент на КТХ кој работел на системот.

Гласната музика може да спречи да бидат слушнати сирените и, според студентите, несреќите кои вклучуваат возачи на автомобили кои не ја чуле итната помош се зголемуваат.

„Сакаме рано да го привлечеме вниманието на возачите, за да се ублажи стресот кој штети на сообраќајната сигурност. Исполнува три функции: ја подобрува достапноста за оние кои одговараат на повикот, ја подобруваат патната безбедност и го подобруваат работното окружување за ранливите професии“, додава Ернеберг.

Градот ќе почне да го тестира системот на ограничен број амбулантни и противпожарни возила, со план да се прошири низ земјата подоцна оваа година.

Системот за предупредување може да процени колку однапред да ги информира  вклучените во сообраќајот во зависност од брзината или гужвата.