„АМАН“ ќе продолжи со протестите

Граѓанската иницијатива „АМАН“ најавува дека ќе продолжи со протестите и ќе ги искористи сите граѓански легални форми за да издејствува промена на Законот за енергетика, со што треба да биде вратена евтината дневна струја, како укинато плаќањето за парно греење оние со исклучени радијатори.

АМАН продолжува со протестиИако денеска со 49 гласа „за“, 4 „против“ и 11 „воздржани“, пратениците во Собранието ја отфрлија иницијативата на „АМАН“, тие не се откажуваaт. Отворена ја оставаат и можноста за собирање 150 илјади потписи неопходни за распишување на референдум.

„Сите легални граѓански форми на реагирање се во опција, па ако треба ќе собираме и потписи за референдум, иако знаеме колку тешко се реализираат таквите активности поради притисоците, какви што имавме за време на собирањето и на овие 10.000 протписи. Но,не се плашиме и нема да подлегнеме на притисоци и закани“, изјави Петрит Сарачини, активист на „АМАН“ на вечерашната прес конференција.

Од „АМАН“ посочија дека се подготвени и за разговор со претставници на Регулаторната комисија за енергетика и државните институции, а предложија и струјата произведена во домашните производни капацитети да се користи за домаќинствата.

„Не убедуваа дека онаа струја што ја произведува ЕЛЕМ е за 2,5 пати поевтина од увезената, па тогаш предлагаме таа да им се испорачува на домаќинствата, а индустриските капацитети кои создаваат профит нека купуваат од странство, такви се и директивите на европската енергетска заедница на која се повикуваат државните институции“, истакнаа од „АМАН“.