„Алтернативните факти“ на тимот на Трамп предизвикаа зголемена продажба на Орвеловата „1984“

Промената во американската политичка парадигма изгледа ги потсеќа жителите на дистопија, бидејќи романот на Џорџ Орвел „1984“ е шестата најпродавана книга на Амазон во моментов, пишува Independent.

Порастот на продажбата на дистопискиот роман беше забележан од Guardian, а „1984“ може да порасне повисоко на листата, бидејќи се ажурира секој ден.

За тоа е веројатно должна советничката на Трамп, Келиен Конвеј, бидејќи го искористи терминот „алтернативни факти“ за време на интервју за NBC – фраза која многумина забележале дека е синоним на зборот „новоговор“ (newspeak) искористен во книгата на Орвел.

Терминот потсетува на зборовите кои се користат во режимот на Големиот брат за да ја држи јавноста незаинтересирана во книгата, меѓу кои е и зборот „двомислење“ (doublethink).

Конвеј ја искористи фразата во однос на тврдењата на секретарот за медиуми Шон Спајсер, дека инаугурацијата на Доналд Трамп имала „најголема публика на сите времиња“. Прашана дали тоа е вистината, Конвеј го одбранила својот колега велејќи дека тој презентирал „алтернативни факти“.