Алтернативни бендови, скејт и BMX натпревари во скејт паркот во Охрид

Национален Скејт и BMX натпревар под името „Алтернативно Лето Охрид” (АЛО), надополнет со целодневна музичка програма ќе се организира во петок (31 јули) во охридскиот Скејт парк.

Забавата, како што најавуваат од Центарот за интегриран развој – Охрид (ЦИРО) како организатори на настанот, ќе започне од 16:00 часот, со реге музика. Од 18:00 до 21:00 часот пак ќе се одржуваат скејт и BMX натпреварите за учесници од целата држава.

Самиот натпреварот е организиран во соработка со Скејтборд Асоцијација на Македонија (С.А.М.), а на него право на учество имаат сите заинтересирани скејтери и бајкери од цела Македонија, но и регионот. За учество тие ќе може да се пријавуваат на денот на настанот.

Натпреварите ќе бидат затворени со вечерен музички хепенинг каде ќе настапат повеќе алтернативни бендови . За прв пат во Македонија доаѓаат познатите рапери Звезде Грајма од соседна Србија, а на сцената ќе излезат и Пука Бенд Брука (Скопје), раперите Bad Contract (Охрид), и панк составите The Author (Охрид) и Комунална Хигена (Охрид).Забавата ќе продолжи со DJRootBoy Selecta, кој ќе пушта музика до раните утрински часови.

Влезот за настанот е бесплатен.