Александар Матовски – Цако: За мојата радио емисија и за поезијата

„Јас сум Цако“ е емисија за лицата со и без попреченост и за се што ги засега младите лица, пишува Александар Матовски Цако во колумната за Радио МОФ. Во неа тој се потсетува на почетоците на неговата емисија и со свои стихови го честита 21 март, денот на поезијата и Меѓународен ден на лицата со Даунов синдром

„Јас сум Цако“ е емисија за лицата со и без попреченост. Оваа емисија се емитува на Радио МОФ. Темите се поврзани за настани и случувања. И секако за сè што ги засега младите лица.

Со оваа емисија се унапредува процесот на инклузијата кај нас и се подига свеста на луѓето. Свесни сме дека уште владее таквата клима. Подготовката на почеток ми преставуваше проблем, за денес да ми оди многу полесно.

Првата емисија беше за фамилијата и пријателите. Оваа емисија изобилуваше со топлина и искреност. За оваа атмосфера се погрижија следниве гости – Жана, мајка на авторот на емисијата и пријателите Неврус, Ана и Теа. Без нив не можеше оваа емисија да биде толку многу посебна.

Музиката на емисијата е македонска или од постарите југословенски песни. Понекогаш е и странска. Морам да се заблагодарам на цел тим на онлајн Радио МОФ, без овие луѓе не ќе може оваа емисија да биде толку популарна.

Кога бев на „Д фестивал“ направив предавање на тема поврзана со емисијата, која е стара веќе четири години. Во магазинот „Лице в лице“ пишувам на теми поврзани со емисијата. Морам да споменам дека емисијата стана и манифестација, која е стара една година. На оваа манифестација учествуваат лица со попреченост. Се надевам дека им беше убаво и би сакал оваа манифестација да стане традиционална.

Се надевам на соработка со институциите во Македонија. Од срце им благодарам на сите луѓе со добро срце и душа. Пред да ви ја напишам оваа песна би сакал да нагласам дека емисијата „Јас сум Цако“ подржува и млади таленти во културата и спортот.

Никогаш не е прерано за
Љубов

Да знам да
љубам
би бил среќен
ко дете

Само еден збор
ме прави
Маѓепсник или пак
крал
на љубовта

Со оваа песна ви го честитам и празникот 21 март, Денот на поезијата. Таа е навистина вошебна и те милува со убави чувства. Па затоа народе мој, влезете во овој свет.

Александар Матовски – Цако