Александар Арсовски со нов македонски рекорд во решавање на рубикова коцка

16,36 секунди е новиот македонски рекорд во решавањето на рубиковата коцка (3x3x3) кој викендов на првенството во Бугарија го постигна Александар Арсовски од Скопје. Освен што за околу 2 секунди го намалил поединечниот, Арсовски го соборил и македонскиот рекорд во просечно време на решавање на рубиковата коцка со стандардни димензии од 17,70 секунди, во кои се зема средната вредност од три успешно решени коцки.

Арсовски за ЦивилМедиа вели дека ова му било прв натпревар, на кој се пријавил во последен момент.

Од вкупно 100 учесници во три рунди, првата ја завршил на 18-тото место, втората на 17-тата, што сепак не било доволно да се квалификува во финалната рунда каде учествувале најдобрите 8.

Според рангирањето на World Cube Association, светскиот рекорд за најбрзо решавање рубикова коцка е 4,59 секунди и го делат двајца натпреварувачи, Феликс Земдегс од Австралија и Сунг Бим Чо од Кореја.