Активистите од Центар со платформа „Здравјето пред профитот“ до партиите пред локалните избори

Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ објави платформа со 43 барања за сите кандидати кои ќе се борат за градоначалничкото место и советот во скопската Општина Центар.

Платформата наречена „Здравјето пред профитот“, според активистите, е порака до политичките партии дека нивниот глас ќе го добијат кандидатите кои ќе понудат програма за поквалитетен живот во општината и кои експлицитно ќе се обврзат да ја реализираат во предвидениот мандат од четири години.

„Очекуваме нашите права да се остваруваат и квалитетот на животот постојано да се подобрува согласно стандардите за урбаното живеење во 21 век. Ние, граѓаните кои што живееме во Општина Центар, а особено во Дебар Маало 1 и 2 и градски парк, сметаме дека општинските власти со години не ги спроведуваат, или само делумно ги спроведуваат, а честопати дури и ги изигруваат или забораваат изборните ветувања“, порачуваат од иницијативата.

Од иницијативата очекуваат одговорни и професионални луѓе во трката за локалните избори, кои ќе овозможат нивните стари маала „повторно да бидат безбедно и пристојно место за работа, живеење и посета“.

Во продолжение ја пренесуваме комплетната листа на конкретни предлози кои се дел од платформата „Здравјето пред профитот“ на иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“:

Законско и транспарентно работење на општината по пат на:

  1. Интерактивна, отворена, ажурирана и функционална Веб-страница и контакт ел.мејл адреси;
  2. Стопирање на издавање на нови одобренија за градба и воведување на мораториум за градба според веќе предложените барања на граѓаните додека не се изготви нов ДУП според сите стандарди и без случајни превиди;
  3. Ревидирање на сите усвоени (донесени) Детални урбанистички планови (ДУП) како и ДУП-ови во фаза на припрема или доработка. Објавување на донесени и ДУП-ови во фаза на подготовка на ВЕБ страната на Општината според системот кој служеше за објава на графичкиот дел и објава на текстуалниот дел. Да се прекине со праксата во секој нареден ДУП да се зголемува дозволената висина на објектите во Дебар маало. Бараме сегашните дадени 19м да останат максимум дозволена висина и да не се усвојува новата од 21м предложена со спорниот и повлечен ДУП;
  4. Итна проверка и споредба на прикажаните податоци во текстуалните делови на ДУП и реалните податоци на терен. Проверка на препораките од ГУП-от со оние во текстуалниот дел на ДУП-от;
  5. Детална анализа и професионални студии за демографија, зеленило и животна средина, сообраќај, безбедност и заштита, и комунална инфраструктура и нивно користење и спроведување при изработка на ДУП;
  6. Експлицитно и неселективно почитување на постојната законска регулатива за височина и габарит на градба, за застапеност на зеленило во рамки на парцела и обезбеден вистински функционален паркинг простор според нормативи;
  7. Правичен и неселективен ангажман на инспекциските служби и соработка со Државни инспекторати;
  8. Советниците сами да се повлекуваат од носење одлуки со гласање во кои имаат конфликт на интереси.

Детални урбанистички планови што гарантираат квалитетни услови за живееење и работа преку:

  1. Транспаретност во изработката на ДУП-овите и вкучување на што поголем број жители со користење нови форми на партиципативност (ВЕБ анкети и јавни расправи) и претставување на предлог новите планови, а согласно со законот;
  2. Да се извади од употреба образецот кој одобрува неспроведување на наведените анализи. Со тоа ќе се исклучи манипулација со реалните вредности;
  3. Евиденција на јавниот простор, простор со комунална намена и државно градежно земјиште и испитување на легалноста со која државно земјиште било претворано во приватно во минатото, но сеуште не е изградено. Постоечкиот комунален простор, пр. пазарчето Буњаковец да ја задржи како единствена основната намена, а општинските власти заедно со Скопски пазар да ги подобрат работните услови на пазарите што влијаат и врз квалитетот на живеење на жителите во околните резиденцијални објекти;
  4. Исполнување на законската обврска – одговор на анкетните листови од граѓаните за ДУП-от Дебар Маало 1 и 2, Буњаковец и Градски Парк 1 и Дебар Маало 2;

Решенија за сообраќај и животна средина што гарантираат здравје и безбедност:

  1. Инспекциите интензивно да работат на проценка на извори и типови на загадување и транспарентно да ги објавуваат резултатите;
  2. Итни мерки за намалување на загадувањето од сообраќајот и ограничување на сообраќајот во резиденцијалните квартови. Соработка со сообраќајна полиција за почитување на постоечката Зона 30, како и слободни пешачки патеки;
  3. Забрана за градежни активности во месеци со покачено ниво на загадување;
  4. Строга контрола на градежните активности во однос на заштитата на животната средина; стимулации и казни;
  5. Да се поттикнува и да се подига свеста на граѓаните за енергетската ефикасност на објектите и користењето алтернативни извори на енергија,
  6. Намалување на бучавата преку инспекциски контроли и обезбедување на тивка зона во близина на образовни и здравствени институции;
  7. Реална проценка на сообраќајот и мерки за минимизирање на доток на сообраќај над расположливите капацитети;
  8. Студија со издржани податоци за моментални токови, тесни грла, црни точки, временски застои и капацитети на улична мрежа и паркинзи;
  9. Соработка со надлежни служби за подобрување на јавниот превоз при специјални настани во градски парк, стадион итн, а се додека не се реши паркинг просторот;
  10. Поттикнување и обезбедување континуирани патеки за безбеден немоторизиран сообраќај;
  11. Целосно враќање на тротоарите на пешаците
  12. Целосно затворање на делници за возила (временски зони за движење) и еден ден во годината без автомобили, во целост исполнет;
  13. Ограничување на времето за дотур на стоки вон стандардното работно време;
  14. Во соработка со надлежните министерства, организирање на комунална полиција од цивилни лица кои живеат во општината. Ангажманот може да биде со пензионери, млади лица и самохрани родители кои ќе поминат обука или самопријавени волонтери. Работните саати да бидат според нивните можности и надоместот да биде како помош за овие групи кои живеат во општината;
  15. Изработка на студии за асезимичност, за заштита и безбедност, како и студии за обезбеден пристап на пожарна, брза помош, итн до секој објект.

Програма за инклузивност, образование, култура и културно наследство што ќе ги одбележува локалните урбани истории и трансформации:

  1. Програма за инклузија на лицата со посебни потреби во образованието (наставна програма); пристап за лица, особено ученици со физичка попреченост до сите институции во Општината;
  2. Дефектолози во секое основно училиште, партиципација за придружен асистент за лица со посебни потреби (кои имаат потреба од тоа, а за време на училиштето), а во соработка со надлежни Министерства;
  3. Организирање активности и предавања за прифаќање на различностите,а наменети за повеќе целни групи: ученици, наставници, граѓани. Особено внимание при јавни настапи на нашите идни претставници и некористење на различноста во негативна конотација;
  4. Јавно објавени годишни програми на образовни институции (ООУ) и детско згрижување (градинки) и објава на општи резултати на учениците во ООУ, награди, стипендии и натпреварувања и споредба со резултати на ниво на град Скопје и на РМ
  5. Објавување на податоци за капацитет на градинки, број на запишани деца и број на деца по воспитувач и негувател. Транспарентност на покриеност на потреби на жители на општината.
  6. Комуникација со Совет на родители во ООУ и дефинирање на потреби за поквалитетна настава, Транспарентност на договори за издавање на простори во ООУ и дефинирани приоритети за искористување на средства и објавување на избрани компании кои ги најмува Општината за потреби на образование: исхрана, транспортни компании, училишта за странски јазици, спортски клубови, обезбедување;
  7. Преземање ицијатива и потребни мерки со надлежни институции и во соработка со жителите да се заштити постојната и прошири зоната за старо урбано јадро и објекти под заштита;
  8. Програми од областа на културата да ја обработуваат и направат јавно достапна историјата и животот на граѓаните во старите урбани јадра;
  9. Обележување на сите објекти кои се водат како културни историско наследство во маалото;

Одговорно и демократско финансиско работење и планирање на буџетот:

  1. Одговорно и демократско финансиско работење и планирање на буџетот;
  2. Транспарентност и отчетност во планирањето на средствата на општината според приоритетите и потребите на граѓаните;
  3. Наменско користење на средствата;
  4. Навремено известување на јавноста за кварталните извештаи што ги усвојува Советот на општината, а кои се однесуваат на трошењето на општинските буџетски средства по квартали;
  5. Вистинска, а не фиктивна партиципативна демократија и учество во креирањето на програмите за развој на општината;

Учество на граѓани во работењето на локална самоуправа

  1. Активирање на урбаните заедници, со обезбеден простор и финансии од општината;
  2. Редовни средби и консултации со Советници во Општината.