Активист од Хонг Конг доби втора затворска казна за протестите во 2014

Судот во Хонг Конг му пресуди три месеци затворска казна на активистот Џошуа Вонг, втора казна затвор за него поврзана со про-демократските протести во земјата од 2014 година.

Тој, помеѓу други активисти, беше осуден за попречување на расчистување на протест.

Вонг се наоѓал на слобода со кауција, бидејќи ја обжалил првата шестмесечна казна затвор за противправно здружување, во другиот судски случај поврзан со протестите.

Вонг во 2014 година, како студент, беше едно од лицата на протестите познати како „Чадор револуција“, каде граѓаните демонстрираа револтирани од зголеменото авторитативно влијание од Кина. Демонстрациите го блокираа центарот на Хонг Конг скоро три месеци. Нивните барања тогаш беа одржување слободни избори за политичките лидери на Хонг Конг, но не успеаја во нивната намера. Неколку предводници на протестите потоа и самите влегоа во политиката.

Пред соопштување на пресудата, 21-годишниот Вонг изјавил дека не се кае за неговото учество во протестите.

„Тие можат да ги затворат нашите тела, но не можат да ги затворат нашите умови“, изјавил тој пред судот, пренесува ББЦ.

Вонг ја признал вината, одлучувајќи да не се бори против обвинувањата.

Рафаел Вонг, колегата активист на Вонг, доби казна затвор од четири месеци и 15 дена, а неколку други активисти добија условни казни.

Велика Британија го препушти Хонг Конг под власт на Кина во 1997 година, со согласност од кинеската власт дека ќе ја управува територијата под принципот „една земја, два системи“.