Ајде: Уставот е мртов, борбата продолжува

„Од денеска Уставот на Република Македонија е мртов! Џелатите на уставноста и на суверенитетот на граѓаните се познати. Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски се петте „тефтер“-судии кои надвор од очите на јавноста не само што го убија Уставот, туку станаа и директни соучесници во криминалите и бандитизмот на актулната власт“, стои во реакцијата на граѓанската платформа „Ајде“, откако денеска Уставниот суд му даде поголеми ингеренции на Претседателот на државата кој сега може да помилува осуденици за дела како изборни измами или педофилија.

Платформата бара неотповиклива оставка на судиите, владини послушници, но и енергична и отворена реакција и акција на судиите кои не гласаа за оваа одлука. Истовремено „Ајде“ бара МВР веднаш да поднесе кривични пријави за организаторите на контрапротестот пред Уставниот суд, како и веднаш да ги санкционира и повика на одговорност сите службени лица кои за време на вчершниот протест го запреа приодот на демонстрантите кон Уставниот суд и не ги отстранија навреме учесниците на контрапротестот. Протестот, потсетуваат од „Ајде“, беше закажан и уредно пријавен.

Од граѓанската иницијатива најавуваат поднесување пријави и ќе бараат одговорност од оние „кои не постапија во согласност со Уставот и законите и кои спречија десетина илјади граѓани слободно да протестираат и да бдеат пред зградата на Уставниот суд“. Тие ја повикаа и меѓународната заедница будно да ги следи случувањата кои , како што велат, водат кон продлабочување на политичката криза и покажуваат дека во Македонија нема услови за слободни, фер и демократски избори на 5 јуни.

„Борбата продолжува. Нашите протести и акции за зачувување на државата нема да запрат. Напротив!“, се додава во реакцијата на „Ајде“.