„Ајде Македонија“ бара волонтери за најголемата еколошка акција

„Ајде Македонија“ ја најави следната акција „Македонија чиста за 1 ден“, за која се бараат волонтери кои заедно ќе го чистат отпадот.

Сите заинтересирани за вклучување во акцијата треба да го посетат отворениот ден во просториите на „Ајде Македонија“ (до Завод за вработување во Капиштец) на 2 јуни, во 18 часот и да го пополнат формуларот на овој ЛИНК за пријавување. Целта на настанот е да го прошири организацискиот тим, но исто така е отворен и за поединци, неформални групи и за организации (граѓански, компании и др.) што би сакале да се вклучат во акцијата, или да иницираат во своите општини и заедници ширум земјата.

Идејата за масовно чистење на земјата во само 1 ден потекнува од “Let’s do it!” – глобална граѓанска иницијатива која започна во 2008 година во Естонија која денес се спроведува во повеќе од 120 земји низ светот.  По минатогодишната успешна акција за чистење диви депонии во Македонија во рамките на глобалната инцијатива „Да го исчистиме светот“ (“Let’s do it! World”), во која учествуваа 20.000 волонтери ширум земјава.

„За иницијативата да биде што поуспешна потребни се луѓе со разогрени срца за чиста животна средина а кои доаѓаат од разновидни образовни и професионални профили: односи со јавност, администрација, ИТ, дизајн, социјални мрежи, комуникации, управување со отпад, заштита на животна средина, вмрежувачи, претприемачи, сонувачи и активисти. Ако имаш идеја или предлог за некоја активност од полето во кое работиш, пиши ни на kontakt@ajdemakedonija.mk“ порачуваат од „Ајде Македонија“.