АХВ: Неидентификувана угината крава извадена од водите на Вардар

Врз основа на добиен повик од Центарот за управување со кризи, постапувајќи по пријава на граѓанин дека во близина на кејот на Вардар има угинато животно – крава, официјален ветеринар од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) излезе на терен и направи увид на лице место, соопштуваат од АХВ.

Со контролата констатирано е дека угинатото животно нема идентификациона ознака – ушна маркица врз основа на која може да се утврди сопственоста и регионот од каде потекнува.

„Во соработка со бригадата за противпожарна заштита и комуналното претпријатие, угинатото животно е извадено од водите на Вардар и нештетно уништено во депонијата Дрисла“, велат од АХВ.

Официјалниот ветеринар на Стационарот за хуман третман на животните изрече мерка за вршење на темелна дезинфекција на кејот на Вардар, со цел спречување на евентуално ширење на заразни болести.