Афричките лидери со ултиматум до претседателот на Гамбија да се повлече или ќе го срушат

Западноафричките лидери упатија ултиматум до претседателот на Гамбија, Јахја Џаме, најдоцна до денеска на пладне да ја предаде власта на неговиот демократски избран наследник, пред воено да реагираат.

Синоќа војска веќе влезе на територија на Гамбија, неколку часа откако новоизбраниот претседател, Адама Бароу, принудно ја одржа својата инаугурација во соседниот Сенегал. Неговиот легитимитет како нов претседател, по победата на изборите минатиот месец, доби и меѓународна поддршка.

Утрово се случуваат последните разговори за олеснување на мирното предавање на власта.

Марсел Алан де Соуса, претседателот со Западноафриканската унија Ековас, изјави дека доколку преговорите немаат успех ќе следи воена интервенција. Од Унијата соопштија дека нејзините армиски сили не наишле на отпор откако влегоа на територија на Гамбија во текот на вчерашниот ден, откако помина првиот рок за оставка на Џаме.

Новиот претседател Бароу даде свечена заклетва во гамбиската амбасада во Дакар, каде ги помина последниве неколку дена. Тој најави дека нема да се врати во Гамбија додека не завршат воените активности.

„Ова е ден кој ниеден Гамбиец нема да го заборави. Ова е прв пат по независноста на Гамбија во 1965 година да се промени власта преку гласачките кутии“, изјави тој во инаугурацискиот говор.

Џаме, кој владее со државата 22 години се обидуваше да ги оспори изборите на кои загуби од Бароу и се уште се наоѓа во претседателскиот кабинет. Претходно оваа недела, прогласи вонредна состојба како последен обид да се одржи на власт, обвинувајќи за изборни нерегуларности. Останувањето на власт на Џаме, му дава заштита од органите на прогонот, за наводни злосторства кои се сторени за време на неговото владеење.

Заканата од Западноафриканскиот блок Ековас за отстранување од власт на Џаме е поддржан од 15-те членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, иако Советот истакна дека приоритет треба да биде политичката солуција.