„Activate Talks“: Младите да бидат активни во донесувањето одлуки

Младите преку своите активности влијаат врз општествените процеси, но потребно е да бидат вклучени и во донесувањето одлуки.

Ова беше само една од темите на коишто се зборуваше на „Activate Talks“, настан кој ги обедини младите лидери да дискутираат и да ја информираат публиката за потребата од вклучување на децата и младите во општествените процеси, во пресрет на 25-та годишнина од Конвенцијата за правата на детето.

Марко Видачек е 14 годишно момче од Тетово кое веќе е граѓански активист, аматер фотограф и глуми во театар. Во своето претставување пред младата публика во Младинскиот културен центар,  потенцираше дека единствено преку почитување на различните мислења и соработките на заедницата го води општеството може да оди напред.

„Со самото тоа што глумам во театар влијаам во средината во којашто живеам. Како растев, видов дека секој со своето учество може да делува врз општествените процеси“, рече Видачек.

На „Activate Talks“ говореше и Александар Матовски-Цако, студент на Педагошкиот факултет во Скопје и активист за човекови права кој има своја емисија на Радио МОФ во која зборува за лицата со попреченост во развојот. Тој зборуваше за животот на лицата со Даунов синдром кој според него не треба да биде пречка во животот на младите.

Цако порача дека мора да се работи на подобра едукацијата бидејќи луѓето се уште имаат стереотипи за лицата со попреченост во развојот.

Марија Мирчевска од Младинскиот образовен форум пак зборуваше за потребата од средношколското учество во донесувањето на одлуки и организирањето.

„Не треба да се дозволи луѓето да мислат дека средношколците се млади и немаат знаење. Ако не си ги побарате правата и не побарате вашиот глас да биде слушнат, никој нема да го направи тоа за вас“, рече Мирчевска во обраќањето.

Според неа, непостоењето на една национална единствена средношколска заедница доведува до тоа учениците да немаат реално свои претставници кои би учествувале во донесувањето одлуки.

Арбен Ристеми, од Националниот младински совет посочи дека младите ја имаат енергијата да ги променат нештата, младите се лидери кои заедно можат да преземат локални иницијативи и да покажат дека постои активна младина. Своја презентација на „Activate Talks“ имаа и Валентина Тасева, една од малкуте жени кои се дел од информатичките науки во земјава и Јасмина Чашуле од манифестацијата Trash Fashion Македонија која се одржува веќе пет години, на 5-ти јуни – Светски ден на природната средина.

„Trash fashion има за цел да ја подигне општествената свест за зачувување на природата. Со текот на годините училиштата за изработка на нивните модели собраа над 2,000 килограми различни видови на отпад“.

„Activate Talks“ е настан организиран од УНИЦЕФ во соработка со Младинскиот образовен форум на кој шест иноватори ги презентираа своите идеи со цел да ги мотивираат младите.

Настанот го отворија амбасадорот и шеф на делегацијата на Европската унија, Аиво Орав и претставникот од УНИЦЕФ, Бертран Демулен. Тие сметаат дека за младите се уште има многу работи коишто треба да се направат. Двајцата беа категорични дека младите се иднината на државата и треба активно да бидат вклучени во донесувањето одлуки.