„Acta non verba“ – победничкиот говор на Амар Мециновиќ од Ораторската вечер „Иво Пухан“

Dum anima est spes est; dum spiro, spero; Dum vivimus vivamus; Acta non verba.

И секоја следна максима, за нас празна колку што е и стара, кажува се помалку. Говори без зборови на ораторот, без разбирање кај публиката. Говорник – а бледа силуета на илјадници кажани зборови и публика во која идеите се обезличуваат. Платформата на јавниот говор е  често замаеност во невистината и бесцелноста нејзина. Дали кој било очекува вистина да чуе од мене? Строго прекорување на сите грозоморни глетки во општествениот живот? Очекувате ли забава? Забава е дум спиро сперо и дум вивимус вивамус. Забава на умот и јазикот кои не се трудат, забава во денгубење. Во лажната вредност на тоа што е речено, забава во необмислувањето на тоа што е речено.

Кон крајот на секоја година секоја следна генерација на студенти тука ги согледува истите проблеми. Во што се состои победата на говорникот ако следната година повторно истите работи ќе бидат наведени, не објаснети ни решени, туку наведени. Одново и одново. Студентската апатија и индиферентност, дистописката стварност на овдешниот живот, иселувањето на нашите другари и другарки, серастечката корупција, долгови и камати, смрт, очај, и гушење. Каде исчезнуваат овие говори? Дали ние лажеме и живееме различни секојдневиа? Но и публиката се повторува. Кои се тие луѓе кои доаѓаат секоја година и ракоплескаат, зошто го прават тоа? Верувате ли во работите за кои се жалиме? Ве распламнува ли некоја неправда? Ги напуштате ли претходните верувања за вистината за која одлучно се појавуваат студенти да ви ја раскажат?

Оваа ораторска вечер е сомнителна како и претходната. Преку неа има превез и катанец на севкупната антиинтелектуалност. Како што згасна промената под лажното знаме на црвената крв. Како што сјајот во очите на студентот од прва година згаснува во секоја следна така е и згаснат сјајот во очите на оваа вечер. Згаснат под притисокот на индиферентноста. Згаснат за да не распламнува.

Судбината на ораторството не е во одговорите туку во прашањата. Судбината се менува според правилата на зададената улога. Улогата на ораторството, во свет каде социјалдемократијата не полага отчет кон историскиот континуитет на социјалистичката идеја која е нејзина вистина, каде летечкиот циркус на реакционерните движења може да се маскира во граѓански конзервативизми, десни популизми и какви не лаги, се со цел на потискувањето на автентичната инклузија и растргнувањето на оковите на работникот, на жената и студентот, сиромашниот и обесправениот.  Улогата на ораторството прераснува во улога на апологет на гнилата културолошка хегемонија. Просто сите ние денеска сме на излог за апологети во иднината. Трка за кој помлозвучно ќе ги изусти вртоглавите латински максими во занос. Таа е вистината. Вистина за заедница која со години не слуша што студентите имаат да кажат туку како. Апсолутно сум сигурен дека стотиците говори имале доволно инерција да јават нешто во тие кои се тука.

Но, покрај лагите на несоцијалните социјалдемократи и капиталните народни демагози веќе се прераснува во фарса. Затоа да побараме отчет, и строга идеолошка диференцијација, а не отворен лист и шпекулации. Да живеат делата, и нивните творци!