94 отсто од жените во Холивуд изјавиле дека биле сексуално малтретирани или нападнати

Нов извештај на „USA Today“ покажува колку неконтролирано е сексуалното малтретирање во забавната индустрија.

Истражување спроведено во партнерство со „Жените во филмот и телевизијата“, „Креативна коалиција“ и „Националниот ресурсен центар за сексуално насилство“ покажа дека 94 отсто од жените во Холивуд биле сексуално малтретирани или нападнати во текот на своето работење. Повеќето од жените изјавиле дека навредливото однесување е извршено од страна на постара личност во позиција на моќ.

Медиумот анкетираше 843 жени кои работат во индустријата, вклучувајќи продуцентки, режисерки, писателки, актерки, за нивните искуства со сексуална злоупотреба во пресрет на движењето #MeToo. Прашалникот беше испратен преку е-пошта до анкетираните 4 и 14 јануари.

Од нив, 87 отсто рекле дека добиле барем еднаш „несакани сексуални коментари, шеги или гестови”, а 75 отсто изјавиле дека биле сведоци на други жени кои доживеале „несакани сексуални коментари”. Шеесет и четири проценти велат дека им било предложен сексуален чин или врска, а 21 отсто пријавиле дека биле принудени да вршат сексуален чин.

Една од четири жени изјавиле дека пријавиле несоодветно однесување на своите претпоставени, но само 28 отсто од нив рекоа дека нивното работно место се подобрило по пријавувањето.

Една третина од испитаните жени изјавиле дека не се сигурни дали нешто што им се случило било сексуално вознемирување.

Сепак, од медиумот посочуваат дека бидејќи испитаниците биле самоизбрани, резултатите можеби не се „научно репрезентативни” на целата забавна индустрија.

Но, наодите се „веродостојни и важни”, изјави Анита Раџ, директорка на Центарот за родова еднаквост и здравје на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.

„Процентите се повисоки од она што обично го гледаме за злоупотреби на работното место, но знаеме дека има варијации според видот на работното место”, рече Раџ.

Веќе неколку големи имиња, како што се Харви Вајнштајн, Кевин Спејси и Мет Лауер беа на мета откако повеќе жени пријавија дека биле нивни жртви. Во јануари, група жени во Холивуд ја креираа иницијативата „Time’s Up“ за системска борба против сексуалното малтретирање во оваа индустрија.