82 проекти во 5 месеци преку „Новиот културен бран“ за деметрополизирање на културата

Осумдесет и два проекти беа дел од „Нов културен бран“ во два конкурсни рока во 2017 година и имаа „квалитетна, естетизирано профилирана и вредносно издржана содржина“, соопшти Министерството за култура, со чија поддршка се реализираше манифестацијата.

„На двата објавени повици на конкурсот имаше огромна заинтересираност и беа пристигнати 348 апликации, а за избраните проекти беа обезбедени 10,6 милиони денари“, посочуваат од Министерството.

„Нов културен бран“ се реализираше од крајот на јули до декември минатата година, со цел културата да се „децентрализира и деметрополизира“, според мотото на Министерството: „култура до сите, култура за сите“.

„Целта беше да се поттикне и да се активира независната културна сцена, да се истакне значењето на граѓанскиот сектор преку активноста на невладините организации, здруженија и асоцијации од областа на културата, за кои се смета дека можат да внесат посвежи идеи и поиновативни пристапи во креирањето на културната понуда со проекти кои се во слух со времето“, соооштија од Министерството за култура.

Извор: МИА