5 години „Лице в лице“ – Обезбедени 5 милиони денари, работа и инклузија за најранливите граѓани

100 илјади испечатени примероци, 5 милиони денари до најранливите категории граѓани преку нивен работен ангажман, околу сто лица за кои „Лице в лице“ е отскочна штица кон пазарот на труд и кон инклузија, шест градови, над 150 часови едукативна програма… Ова се дел од достигнувањата кои изминатите 5 години ги оствари единственото улично списание кое утре ја одбележува полудецениската работа со изложба и дружба во МКЦ клуб ресторанот.

Настанот почнува во 20 часот, а роденденските свеќички ќе бидат дувнати во чест на сите досегашни 26 броја на „Лице в лице“, во чест на продавачите, граѓаните, и сите соработници кои оставиле своја трага во некој од броевите на „Лице в лице“.

Од списанието, за нивниот успех, ја истакнуваат улогата на граѓаните, но и на јавните личности од Македонија кои ги поддржуваа продавачите.

„Го поддржувам „Лице в лице“ зашто на некои луѓе не им се сите коцки наредени. Со оваа иницијатива добиваме шанса ние да бидеме коцката што недостасува“, вели актерот Сашко Коцев.

„Читам „Лице в лице“ затоа што е едно од ретките оригинални списанија со вистинска цел. Третира социјални теми, кои инспирираат, мотивираат и ја подигнуваат свеста. Го читам затоа што е единствено и служи за пример за другите“, вели поп пејачката, Дани Димитровска.

„Лице в лице“ е еден од пионерите во социјалното претприемаштво во земјава кое работниот ангажман го користи како алатка за инклузија, со што економски и социјално ги зајакнува своите продавачи. Во исто време, преку своите содржини, влијае на менување на свеста за важни општествени прашања. Секое издание, посветено на одредена тема, има за цел да информира, едуцира и да ја буди граѓанска свест.

„Ова беа години на позиционирање на списанието на пазарот. Верувам дека поголемиот дел од публиката веќе знае што е уличен печат, а во годините што следуваат се надевам дека се повеќе граѓани ќе ја разберат својата улога во однос на развојот на уличниот печат, како и во однос на развојот на општеството. И не само граѓаните, туку и бизнисите, а институциите пак дека ќе станат поотворени и активно ќе соработуваат со граѓанскиот и со бизнис секторот. Поврзувањето на овој триаголник е значаен чекор кон подобро општество“, вели Климентина Илијевски, главна и одговорна уредничка на „Лице в лице“ и извршна директорка на „Паблик“.

На настанот ќе бидат доделени признанија на активните борци и  поддржувачи на платформата даваа личен придонес во остварувањето на мисијата и целите на „Лице в лице“. Ќе биде промовирана и мапата „Лично Скопје“, во авторство на уметницата Сабрина Железник, која ги претставува позитивните социјално ангажирани уметнички места низ Скопје која ја содржи и траекторијата на продавачите на списанието „Лице в лице“, како симбол на патувањето кон поинклузивно општество.

Роденденската дружба ќе биде придружена и со изложбата „Бегалци во сопствената земја“, која премиерно беше поставена во Струга, на крајот од јули, на промоцијата на актуелниот број на „Лице в лице“.

На настанот ќе се обрати и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска која што како активист го поддржувала развојот на едукативната програма на „Лице в лице“ при неговите зачетоци преку Платформата за борба против сиромаштија.

„Aктивностите кои ги спроведува списанието „Лице в лице“ претставуваат значајна поддршка за надминување на социјалните ризици во кои се наоѓаат  ранливи категории на граѓани преку работно ангажирање, како и ефективен начин да се подигне јавната свест за можностите на овие лица. Од огромна важност е обезбедување на одржливоста на ова улично списание и давањето придонес за обезбедувањето на услови за еднакви можности за сите. Исто така, ова списание направи многу во потикнување на развојот на општествената одговорност, како и во развојот на социјалната економија во државата“, вели Царовска.

Настанот во МКЦ е дел од Неделата на граѓански организации поддржана од Проектот за граѓанско учество (ПГУ) на УСАИД – серија од настани кои ја промовираат работата на граѓанските организации пред пошироката јавност, организирани во периодот од 11-17 септември 2017 низ Република Македонија.

Настанот е поддржан и од Регионалниот проект на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) за социјални права на ранливи групи, по налог на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (БМЗ).