„5 до 12“ повторно кампува спроти Собрание, бараат поддршка за лицата со посебни потреби

Граѓанската иницијатива „5 до 12“ од утрово по четврти пат намести шатори во скопскиот парк „Жена-борец“. Кампот ќе биде подигнат до 22 јули. Предвидена е викенд агенда со разни активности, работилници и консултации за законските акти за подобрување на правата на лицата со посебни потреби.

Целта на викенд-кампот што се подигнува еднаш месечно спроти Собранието е да поврзе повеќе граѓани, луѓе од надлежните институции, организациии и лица со попреченост, хендикеп или посебни потреби. Потоа, сите заедно обединети, да споделуваат искуства и изнаоѓаат соодветни решенија, а долгогодишните проблеми да останат во фокусот на јавноста и станат приоритет на новата Влада.

„Сите заедно ќе покажеме дека сме свесни и зрели да ги прифатиме овие лица како еднакви и рамноправни, и сме спремни сите заедно да се заложиме за остварување на нивните права“, стои во повикот за поддршка испратен до јавноста и одговорните во Собранието и новата Влада.

Инаку, во иминатиов период иницијативата „5 до 12“ оствари средби во Собранието и работни состаноци со ресорните министерства, но се уште чекаат од ветената поддршка да произлезат и конкретни резултати.