Жителите од Шуто Оризари со петиција бараат матичен гинеколог

Жените од Шуто Оризари повторно алармираат за потребата од отворање ординација на матичен гинеколог во општината.  Салија Бекир Халил, активистка од самата заедница, на денешната прес конференција  истакна дека повеќе од 8000 жени од Шуто Оризари кои се наоѓаат во репродуктивен период немаат матичен гинеколог во својата општина, а со тоа им е отежнат пристапот за редовно следење и грижа за своето репродуктивно здравје.

Поаѓајќи од потребата за пристап до квалитетни и достапни услуги поврзани со нивното репродуктивно здравје, односно потребата за постојанa гинеколошка ординација во општината, жените од општина Шуто Оризари самоиницијативно спроведоа петиција за отворање на ординација на матичен гинеколог на која се собрани околу 2200 потписи. Според најавите, петицијата денеска ќе биде доставена до Министерството за здравство.

Со неа жените од општина Шуто Оризари бараат Министерството за здравство да најде начин за отворање на постојана ординација на матичен гинеколог, со што ќе се гарантира правото на пристап до квалитетни услуги поврзани со репродуктивното здравје кое го ги имаат сите граѓани на Македонија.

Тие во јуни минатата година го покренаа ова прашање, но беше понудено парцијално решение со кое, по налог на Министерството за здравство од 1 јули 2014, во здравствениот дом во Шуто Оризари се обезбедуваат гинеколошки услуги еднаш неделно. На овој начин,  посочуваат активистките од Жуто Оризари, не може да се задоволат потребите на жените од општината, не се нудат услуги кои ги нудат матичните гинеколози, односно не може да се следи бременост, да се прават ПАП тестови и микробиолошки брисеви, ниту пак може да се упатуваат жените за лабораториски испитувања и до болничките установи.